Почитувањето на мерките во текот на наставата во сите воспитно – образовни установи е врвен приоритет. Маската, дистанцата и дезинфекцијата се правилата од кои не смееме да отстапиме уште подолг временски период.
По тој повод денеска, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев беше во посета на основното училиште „Лазо Трповски“, во населбата Карпош 3.
Заедно со директорката на училиштето и службите имаа можност да видат како се одвива наставата со физичко присуство и онлајн предавањата.
Во текот на посетата, тие поразговараа и за алгоритмите и постапката за изолација на ученик, наставник во случај на појава на заболено лице од Ковид – 19:
-Никој не може и не смее да ги занемари повисоките бројки на заболени лица. Училиштата мораат да бидат подготвени и да постапуваат согласно насоките добиени од здравствените власти.
Како општина правиме сѐ што можеме. Обезбедивме повеќе средства за дезинфекција на образовните установи, набавивме ИТ опрема за наставниот кадар, за непречено да се одвива наставата. Сепак, никој не може да вети целосна подготвеност, затоа да бидеме одговорни и претпазливи, рече Богоев.
Општина Карпош ги повикува сите ученици, наставници и родители да ги почитуваат мерките за заштита од Ковид – 19. Имајќи ја предвид моменталната состојба, очигледно е дека вирусот се повеќе е дел од нашето најблиско опкружување и само со навремено информирање и комуникација со релевантните лица (служби на училиштето, матичен лекар) можеме да спречиме ширење на коронавирусот.