Министерот за надворешни работи Бујар Османи денес оствари работна посета на Република Бугарија, за време на која се сретна со претседателот на Владата на Република Бугарија, Бојко Борисов и заменик-претседателката на Владата на Република Бугарија за правосудна реформа и министер за надворешни работи, Екатерина Захариева.
Во фокусот на средбата беа билатералните односи меѓу двете држави и напредокот на Република Северна Македонија во процесот на европската интеграција.
„Ние сме на прагот на реализацијата на нашето заедничко ко-претседавање со Берлинскиот процес, еден од најзначајните регионални иницијативи за економско, инфраструктурно и политичко поврзување на земјите од Западниот Балкан. За само неколку дена почнува серијата Министерски средби за внатрешни работи, за здравство, за економија, кои очекувам да вродат со плод и бидат крунисани со исклучително успешен самит овде во Софија на 10 ноември. Самит кој по самата природа е историски затоа што за прв пат го претседаваат земја – членка на ЕУ, Бугарија, и земја кандидат за членство во ЕУ – Северна Македонија“, истакна Османи.
Двајцата соговорници, потврдувајќи дека европската перспектива е гарант за стабилност и просперитет на Регионот, ги поздравија ангажманите во рамките на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и вкупната соработка која се реализира меѓу двете држави во сите области од заемен интерес.
„Ние имаме Договор за пријателство кој нѐ обврзува и на политичка и на експертска соработка. Само преку отворен, искрен и позитивен пристап во соочувањето на историските факти со денешната реалност, ние можеме да ги надминеме разликите и да ги идентификуваме заедничките точки кои нѐ поврзуваат”, посочи Османи.
Посебно беше поздравена соработката меѓу министерствата за одбрана и други безбедносни структури, сега како сојузници во НАТО, што придонесува и претставува додадена вредност за стабилноста на регионот, но и на Европа како целина.
Во однос на работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, упатија задоволство за нивната идна средба на средината од овој месец и ги охрабрија членовите на комисијата, да продолжат посветено со својата работа и да обезбедат соодветни резултати.
Министерот Османи изрази благодарност за севкупниот досегашен ангажман на Бугарија за унапредување на европската агенда на регионот, со тоа и нашиот напредок кон Унијата, со очекување до крајот на годината да се одржи првата Меѓувладина конференција и конечно формално да започнат пристапните преговори на Северна Македонија со Европската унија.
Министрите го разгледаа и напредокот во инфраструктурното поврзување меѓу двете земји и можностите за зголемување на трговската размена, понатамошниот развој на туризмот, како и соработката во здравството, образованието, културата, одбраната, безбедноста и сите други области во кои се бележат резултати.