Светски ден на поштите, писмото „Добар ден, добар човеку!” на Јана Поповска отпатува во Берн

Писмото  „Добар ден, добар човеку!” што го напиша ученичката Јана Поповска од ООУ „Елпида Караманди” од Битола е првонаградено на 49. конкурс „Напиши порака на возрасен за светот во кој живееме”, што го спроведе Пошта на Северна Македонија во соработка со Сојузот за грижи и воспитување на децата, како дел од активностите за одбележување на Светскиот ден на поштите. Писмото е испратено е во седиштето на Светскиот поштенски сојуз во Берн, каде се натпреваруваше со други млади од целиот свет. Второ место на домашниот конкурс освои Тодор Пењушков од ООУ „Димката А. Габерот, Ваташа, Кавадарци, а трето Ела Мустафи од ООУ „Башкими”, Гостивар.

 

За наградените ученици, учесници на конкурсот во државава се обезбедени парични награди. -Оваа година, за жал, поради пандемијата Пошта нема да биде во можност да ги собере наградените учениците, како што тоа го организиравме изминатите години. На наградените ученици им се заблагодаруваме за учеството на литературниот конкурс, им ги честитаме наградите и ги покануваме да учествуваат и на Конкурсот кој Светскиот поштенски сојуз ќе го распише за следната 2021 година, изјавија за МИА од националната Пошта.

Поради ковид пандемијата оваа година прв пат, во организација на Светскиот поштенски Сојуз (UPU), прославата за Светскиот ден на поштите – 9 Октомври, ќе се одржи виртуелно и ќе може да се проследи во 10 часот и 30 минути на линкот: https://tv.upu.int/

Целта на Светскиот ден на поштите е да ја подигне јавната свест за улогата на поштите во секојдневниот живот на луѓето и бизнисите како и за придонесот кој поштите го имаат за социјалниот и економски развој на земјите.

Според директорката на Агенцијата за пошти Билјана Аврамовска Ѓоревска, во периодов на големи предизвици кај граѓаните и правните субјекти, се зајакнала свеста за важноста на поштенската достава и го направи поштенскиот сектор клучен за социјалната вклученост.

-Светскиот ден на поштите е соодветен ден за да им се оддаде голема почит и признание на давателите на поштенските услуги, на поштенските работници и на сите оние кои се вклучени во процесот на достава на поштенските пратки. Особено сега, во време кога се соочуваме со светска пандемија и кога не смееме да заборавиме на луѓето кои придонесуваат животот да тече и понатаму. Оваа година е поразлична од другите. Би сакала посебно да истакнам дека вработените во македонскиот поштенски сектор се гордост, кои и покрај сите предизвици и опасности, смело, одговорно и со неверојатна посветеност ја вршат својата работа а со тоа несебично му помагаат на општеството и покажуваат општествена одговорност. Ви благодариме и од името на сите корисници на поштенските услуги, за Вашата одговорност при извршување на работата кога најмногу сте потребни!, порачува Аврамовска Ѓореска.

Генералниот секретар на Светскиот поштенски сојуз, Хусеин Бишар, пак,  во традиционалната порака истакнува дека годинава поштенската индустрија му ја покажала на светот својата флексибилност, упорност и непроценлива улога.

-Се покажа дека поштенските работници се неопходен персонал додека пандемијата беснееше низ целиот свет и истите работеа напорно за да ги достават поштенските пратки. Ја поздравувам храброста и посветеноста на милиони поштенски работници кои продолжија со достава иако соочени со глобално нарушување. Ја направивте индустријава а и светот горди! – Ви изразувам огромна почит за вашите многубројни достигнувања. И покрај многубројните предизвици, колективно ја исполнивме нашата должност за универзалната услуга со поштенска достава до сите на планетава, без разлика на нивната локација. Од нашите најрани почетоци, сме надминале војни, природни катастрофи и епидемични болести. Секогаш сме доставувале! Меѓутоа, оваа 2020 беше година кога поштенската индустрија му ја покажа на светот својата флексибилност, упорност и непроценливата улога која ја игра во секое општество, порача Бишар.

Светскиот ден на поштите се прославува секоја година на 9 oктомври. На тој датум во 1874 година во Берн е основан Светскиот Поштенски Сојуз (Universal Postal Union –UPU). Земјите-членки на Светскиот Поштенски Сојуз на свој начин го обележуваат настанот, вклучувајќи многу активности од воведување или промоција на нови поштенски производи и услуги, па се до организација на отворени денови во поштите, поштенските центри и поштенските музеи.

Треба да знаете
Последни објави