Организацијата за забрана на хемиско оружје (ОЗХО) е подготвена да ги сподели со Русија информациите што ги има за случајот со рускиот опозициски лидер Алексеј Навални само доколку добие дозвола од Берлин, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова. Таа за руската телевизија „Дожд” изјави дека организацијата, за време на истражувањето, ги потврдила заклучоците на Берлин, но дека тие не можат да ги споделат информациите со Русија се додека не добијат одобрение од Германија.
Захарова, пренесе Tасс, појасни дека руското генерално обвинителство испратило четири барања до германските власти, но на нив досега немаат добиени никаков одговор.
Навални на 20 август колабира на летот од Сибир кон Москва и падна во кома, а два дена подоцна беше префрлен во клиниката „Шерите” во Берлин, каде беше утврдено дека е отруен од нервниот агенс „Новичок”.
ОЗХО пред три дена потврди дека биомаркерите покажале дека во крвта на Навални има забранета супстанца.