Почетокот на прелиминарни контакти меѓу Грција и Турција е охрабрувачки чекот во правилна насока, преферираме да ѝ дадеме шанса на дипломатија за да најдеме взаемно прифатливо решение, вели грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервјуто за француски „Ле фигаро”.
Говорејќи за односите со Турција, Мицотакис вели дека постојат два патишта, едниот на дијалог и дипломатија врз база на меѓународното право, а вториот на ескалација и тензии, кој „неизбежно ќе доведе до мерки од Европа за Турција”.
-Грција како и ЕУ, посакуваат подобрување на односите со Турција, но правилата се тука за да ги почитуваме. За време на последниот Самит на ЕУ, беа поставени за разгледување клучни прашања во врска со односите со Турција, како што се царинската унија и управувањето со миграциските бранови. И беше јасно ставено на знаење дека ако продолжи да дејствува еднострано и агресивно, ќе се соочи со последици, вели Мицотакис, објаснувајќи дека се очекува набргу да започнат прелиминарните контакти меѓу двете земји и не ја исклучи можноста за средба со турскиот претседател, иако во овој момент не е планирано такво нешто.
Во однос на завчерашната одлука на атинскиот суд за Златна зора, грчкиот премиер коментира дека тоа е „вистинска победа за демократијата” и се затвора „една мрачна епизода во јавниот живот на земјата”.