Врз поранешниот претседател на Киргистан, Алмазбек Атамбаев беше извршен денеска обид за атентат на централниот плоштад во Бишкек за време на митинг на опозицијата. Според Кундуз Жолдубаева, советник на поранешниот киргистански претседател во автомобилот на Атамбаев било пукано со боева муниција, а политичарот не бил повреден.
Атамбаев подоцна рече дека знаел за претстоен напад.
Во Киргистан во понеделникот избија масовни протести, на луѓе кои не се согласуваат со резултатите од парламентарните избори од 4 октомври. По судирите со безбедносните сили, демонстрантите ја зазедоа зградата на Парламентот, во која е сместена претседателската администрација. Тие исто така го ослободија поранешниот шеф на државата Атамбаев од истражниот притвор.
Киргистанскиот премиер Кубатбек Боронов днесе оставка. Претседателот Соронбај Женбеков, според неговиот портпарол, е во Бишкек и „ја контролира ситуацијата”. Тој повеќепати ја повикуваше опозицијата на дијалог, но досега немаше официјални разговори.
Лидерите на опозициските партии формираа координативен совет за управување со земјата и го предложија Садир Жапаров, лидер на опозицијата, ослободен од затвор, за премиер. На 6 октомври парламентот ја одобри неговата кандидатура на вонредна седница. Голем број членови на опозицијата не се согласија со назначувањето, формираа свој координативен совет и имаат намера да изберат свој премиер. Тие исто така побараа импичмент на претседателот и распуштање на Парламентот.