Веројатно по Европскиот совет (15-16 октомври) ќе започнат прелиминарните контакти меѓу Грција и Турција, изјави портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас во интервју за грчката телевизија „Скај”, јави дописничката на МИА од Атина.
Пецас истакна дека „за среќа, во последниот период, постои стабилна де-ескалација” од турска страна и додаде дека би било пожелно да започнат прелиминарните контакти „за да го решиме изворот на тензија”.
Министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас, кој во четвртокот се сретна со неговиот турски колега Мевлут Чавушоглу, вчера рече дека датумот за прелиминарните контакти треба да го одреди Турција, бидејќи е домаќин на средбата.
– Турската страна, господинот Чавушоглу, се обврза да предложи конкретен датум. Следната средба ќе биде во Турција, според редоследот, бидејќи последната, во 2016 година беше во Атина, па така Турција, која ќе биде домаќин на следната средба, треба да одреди и соодветен датум. Очекуваме од турската страна, рече Дендиас.
Од грчкото МНР на 22 септември соопштија дека Грција и Турција се договорија наскоро да го одржат во Истанбул, 61-от круг од прелиминарните контакти.
Последен пат прелиминарни разговори меѓу Анкара и Атина беа одржани во 2016 година.



