Капацитетот на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје е речиси исполнет и од вчера за хоспитализација и третман на пациенти со КОВИД-19 е целосно подготвена модуларната болница, со 72 болнички легла, поставена во близина на клиничката зграда.
Министерството за здравство соопшти дека активно се работи на реорганизација на болничките капацитети и медицинскиот кадар по системот на ротација во јавното здравство за да се одговори на претстојниот период и можното зголемување на бројот на хоспитализации на пациенти со КОВИД-19.
Тоа во изјава го потврди и министерот Венко Филипче кој соопшти дека од денеска во функција е пуштена и модуларната болница со сосем доволен број на медицински кадар – доктори и медицински сестри од Клиниката за пулмологија и алергологија и Градската општа болница „8 Септември”. Појасни дека нема да се преоптоварува капацитетот повеќе од тоа што е сега за да не трпат останатите одделенија и здравствени работници.
Здравствениот систем е подготвен, но од Министерството за здравство апелираат до граѓаните на максимална одговорност и целосно почитување на мерките за заштита од понатамошно ширење на коронавирусот.