Во текот на вчерашниот ден од страна на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) во повеќе градови во државaта се извршени вкупно 36 надзори и 488 контроли во угостителски објекти согласно Законот за угостителска дејност, Законот за заштита од пушењето и здравствените протоколи (дозволено растојание, распоред и број на маси, итн) за отворање и работа на угостителски објекти.
При тоа, во дел од угостителските објекти се утврдени неправилности во делот на непочитување на здравствените протоколи, непочитување на работното време и прекршување на Законот за заштита од пушењето, поради што ДПИ ќе поднесе:
12 кривични пријави за непочитување на здравствените протоколи во угостителски објекти во Скопје, Охрид, Битола и Кичево.
2 прекршочни постапки за затекнати нерегистрирани објекти во Скопје и Тетово
1 прекршочна постапка за непочитување на работно време во објект во Кичево.
1 прекршочна постапка за прекршок по Законот за заштита од пушењето во објект во Скопје.
1 непостапување по издадено rешение за привремена забрана за вршење дејност од страна на објект во Битола, за што ќе следи физичко запечатување на истиот со пломба.
Поединечно по градови, најмногу надзори и контроли се извршени во Скопје. Односно, ДПИ вчера во угостителски објекти во Скопје, изврши 8 надзори и 267 контроли. При тоа, за прекршување на протоколите ќе бидат поднесени 5 кривични пријави, една мерка за нерегистриран објект и една мерка за непочитување на забраната за пушење. Во Охрид, се извршени еден надзор и 43 контроли, а поднесена е една кривична пријава. Во Битола, ДПИ спроведе 7 надзори, изречена е една кривична пријава, и една мерка за непочитување на решение за привремена забрана за вршење дејност. Во Кичево, се извршени 6 надзори, 20 контроли, при што се изречени 5 кривични пријави и една мерка за непочитување на пропишаното работно време.
ДПИ во Тетово вчера изврши еден надзор, 30 контроли, и затекнат е еден нерегистриран објект. Останатите контроли и надзори се извршени во Струмица, Гостивар, Македонски Брод, Виница, Штип, Берово, Пехчево, Кавадарци, Куманово, Крива Паланка, Кратово, кадешто не се утврдени прекршувања на законите и протколите.
Со оглед на трендот на зголемување на бројот на заболени од вирусот КОВИД-19, апелираме граѓаните, како и трговците, да ги почитуваат мерките за заштита од вирусот, со цел да се спречи негово ширење. Сите инспекциски служби се постојано на терен и ќе продолжат и во следниот период со интензивни контроли во делот на почитување на здравствените протоколи. Заштитата на јавното здравје е врвен приоритет на Владата на Република Северна Македонија, и затоа нема да има толеранција за прекршителите на здравствените КОВИД протоколи.
Воедно, ДПИ, во текот на вчерашниот ден, а поради почетокот на викендот без ДДВ и заштита на потрошувачите, изврши вкупно 28 надзори и 123 контроли во трговски објекти во повеќе градови согласно Законот за трговија, Законот за заштита на потрошувачите и Уредбата со законска сила за примена на Законот за трговија. При тоа изречени се мерки по Уредбата со законска сила за примена на Законот за трговија во 3 објекти во Струга, 4 мерки по Законот за трговија во објекти во Скопје и 2 мерки по Законот за заштита на потрошувачите во Тетово, за што ќе се поведе прекршочна постапка како и постапки за прекршок по Законот за трговија во 6 објекти во Скопје. Во останатите објекти при спроведените контроли во другите градови, не се констатирани неправилности. За време на деновите без ДДВ, ДПИ ќе продолжи со контролите во делот на тоа дали цените на производите воведени во трговските книги на трговците, соодветствуваат со истакнатите цени на производите, со цел да се спречат можни манипулации со цените на производите.
Со оглед на тоа дека од денеска заклучно со понеделник (12.10.2020) трае викендот без ДДВ, инспекциските служби на ДПИ во текот на денешниот ден и следните денови се постојано на терен и спроведуваат интензивни контроли, не само во делот на почитување на здравствените КОВИД протоколи , туку и во делот на тоа дали цените на производите воведени во трговските книги на трговците, соодветствуваат со истакнатите цени на производите, со цел да се спречат можни манипулации со цените на производите.