Српскиот министер за труд, вработување и социјални работи, Зоран Ѓорѓевиќ, разговараше денеска со заменик-директорот на Националната служба за вработување, Перо Јариќ, за обезбедување подобри услови за вработување на странските државјани кои работат во Србија, соопштија од министерството.
Ѓорѓевиќ истакна дека за време на пандемијата на коронавирусот е утврдено дека има голем број луѓе кои работат од далечина, односно работат за компании кои не се наоѓаат во земјата каде што живеат и дека тоа ја поттикнало идејата за привлекување повеќе странци во Србија.
Според него, Владата на Србија со измените и дополнувањата на Законот за странци и на Законот за вработување на странци, кои ќе бидат предложени по формирањето на Владата, сака да ја направи земјата попривлечна за нив, да им обезбеди подобри услови за работа, притоа обезбедувајќи други поволности, како што е добриот социјален живот.
-Планот е да се издадат визи за престој на странски државјани, што ќе им овозможи да ја извршуваат својата работа од Република Србија, престојувајќи во неа и до една година, изјави Ѓорѓевиќ.