Поради обилните врнежи од дожд во некои места, можно е зголемување на водостоите на реките, особено на тие во крајните западни и крајните источни делови од земјата, информираат од Секторот за хидрологија при УХМР.
Од УХМР посочуваат дека во текот на попладневните часови и особено во текот на ноќта и утрешниот ден се очекуваат врнежи од дожд кои на места ќе бидат поинтензивни, над 30 л/м2 за 24 часа, придружувани со грмежи и засилен ветер. Локално процесите се очекува да бидат во форма на невреме со услови за појава на град, а на некои места локално да има и обилни врнежи од дожд. Водостоите на реките низ земјава се ниски и со подпросечни вредности за овој период од годината и имаат капацитет да примат поголеми количини на врнежи.
– Но, и покрај тоа, најавените врнежи на некои места се очекува да бидат доста обилни така што можно е поголемо зголемување на водостоите на реките, особено на оние во крајните западни и крајните источни делови од земјата. Доколку процесите бидат поинтензивни и доколку на одредени места локално за кратко време навранат поголеми количини на дожд можно е да дојде до забрзано зголемување на водостојот и локално излевање на малите реки и суводолиците, чии што мали сливови не би имале доволно голем капацитет да примат вакви евентуални поголеми количини на дожд, се наведува во соопштението од УХМР.
Кај малите реки и суводолиците со стрмни падови при интензивни врнежи, како што посочуваат, можна е појава на ерозивни процеси при што би дошло до брзо слевање на водата во низводните делови при тоа собирајќи со себе дрва, гранки, камења и друг носечки материјал.
-Исто така, доколку во градските урбани средини процесите бидат во форма на невреме придружувани со силен ветер и град поради неможноста за впивање и одведување на водата во мал временски интервал како и поради можното запушување на канализационата мрежа со гранки и лисја можна е појава на акумулирање и течење на водата по градските улици и подвозниците, потенцираат од УХМР.
Од таму препорачуваат на внимателно движење покрај помалите реки и суводолиците и претпазливост на оние места каде во текот денешниот (ноќта) и утрешниот ден се очекуваат поголеми количини на дожд.