Премиерите на Бугарија и на Република Северна Македонија, Бојко Борисов и Зоран Заев се убедени дека во следните денови ќе се најде решение за споровите меѓу двете земји, вели претседателот на Комитетт за надворешна политика во бугарскиот Парламент, адмирал Пламен Манушев.
-Процесот е исклучително интензивен и се надевам дека овие работи ќе се случат во наредните денови. Премиерот Зоран Заев и нашиот премиер се убедени дека ќе се најде такво решение. Министерката за надворешни работи Екатерина Захариева го искажа ставот на Бугарија пред нивниот министер за надворешни работи. Цврсто се надевам дека ќе најдеме решение за овој спор и ќе го започнеме процесот, рече Манушев, јави БГНЕС.
Адмиралот Манушев вели дека е изненаден од вчерашната изјава на македонскиот премиер Заев, кој тврди дека барањата на Бугарија не се добрососедски, дека се непријателски и неевропски.
– Веројатно, тоа е испровоцирано од разговорите што македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи ги имаше во Софија. Не знам зошто го рече токму тоа, но ние упативме меморандум до сите европски институции, во кој кажуваме кои се нашите барања и црвени линии од кои не смее да се отстапи и од двете страни треба да се најде компромисно решение, рече адмиралот Манушев.
Тој се согласува со тоа што премиерот Бојко Борисов му го кажал на министерот Османи дека сме должни да најдеме компромисна опција и да ги решиме спорните прашања.
-Ниту еден Бугарин не сака да бидеме пречка за европската интеграција на С. Македонија, која е братска држава и братски народ, вели претседателот на парламентарниот Комитет за надворешна политика.
Адмиралот Манушев смета и дека парламентите на двете земји, исто така, можат да помогнат во процесот на изнаоѓање решение.