Уште не се познати мотивите за инцидентот во кој Даниел Безук (22) утринава со „калашников“ пукал кон зградата на хрватската влада и рани полицаец, па 20-тина минути подоцна се самоуби.
Директорот на хрватската полиција, Никола Милина демантираше дека напаѓачот го држел оружјето на количка, но откри дека, освен во ранетиот полицаец, пукал во уште двајца полицајци.
Безук испукал 30 куршуми од „калашниковот“, а се самоубил со пиштол, за кои немал дозволи. Во моментов полицијата врши претрес во домот и имотот на семејството Безук во Кутина.
-Полицијата ја утврдува трасата на движење, немало претходно загрозување на граѓани, оружјето не било носено видливо по градот. Видов секакви објави, немаше оружје на никаква количка. Вториот полицаец возвратил, употребил огнено оружје. Напаѓачот употребил огнено оружје кон повредениот полицаец и уште двајца полицајци. Тројца полицајци всушност биле загрозени – ранетиот полицаец, вториот кој возвратил на пукањето, и уште еден полицаец кој работел на надворешно обезбедување на штитените објекти, кажа Милина.
Тој додаде дека, што се однесува до мотивот, нема информации дека некој од полицајците на Марков трг бил лична мета.
-Засега немаме индиции дека кој било полициски службеник, па и повредениот бил непосредна мета или лично бил поврзан со напаѓачот, кажа тој.
Истакна дека засега не може да зборува за тоа дали намерата на напаѓачот била да влезе во зградата на влада, како ни за мотивот.
-Напаѓачот имал оружје, било важно да се спречи понатамошно загрозување на граѓаните“, одговори на прашањето зошто на полицаецот први му помогнале адвокат и продавачка кои се затекнале на местото на настанот.
Полицаецот кој беше ранет во нападот е опериран и состојбата му е стабилна.