Во последните 20 години доаѓа до драматично зголемување на екстремните временски прилики, што земаат огромен човечки и економски данок низ целиот свет и се на пат кон натамошно ширење, а во оваа ситуација Азија е најтешко погодениот континент, соопштија денеска Обединетите нации.
Најголем број на катастрофални настани од 2000 до 2019 година се регистрирани во Кина – 577 и САД – 467, следени од Индија – 321, Филипини – 304 и Индонезија – 278, се наведува во извештајот на ОН, објавен на еден ден пред Меѓународниот ден за намалување на ризикот од катастрофа.
Британските медиуми пренесуваат дека Азија е континентот со осум од 10-те најпогодени земји во светот.
Во последните две децении ширум светот имаше околу 7.348 големи катастрофи, во кои беа одземени 1,23 милиона животи, погодени беа 4,2 милијарди луѓе и предизвикана беше штета од 2,97 милијарди долари, наведува ОН во извештајот.