Косовскиот премиер Авдулах Хоти изјави вечерва, по средбата со специјалниот пратеник на Европската унија за дијалогот меѓу Приштина и Белград, Мирослав Лајчак, дека единствениот исход кој Косово го очекува од преговорите со Србија е меѓусебното признавање на двете држави, јави дописникот на МИА од Приштина.
Обраќајќи им се на медиумите по средбата со европскиот емисар, Хоти рече дека прашањето на Заедницата на општини со мнозинско српско население, кое наводно било главната причина за доаѓањето на Лајчак, за Приштина е затворено со потпишувањето на договорот од 2013 година во Брисел, и покрај настојувањата на официјален Белград тоа повторно да се актуелизира.
Косовскиот премиер порача дека Заедницата ќе биде формирана, но секако нема да има извршни надлежности, а нагласи и дека во преговорите со Србија веќе воопшто не се споменува идејата за размена на територии и не се доведува во прашање унитарниот карактер на косовската држава.
– Заедницата е тема која е затворена со договорот од 2013 година, кој е ратификуван од Собранието. (…) Имаме гаранции од нашите меѓународни партнери дека Заедницата нема да има извршни надлежности. Ја симнавме од преговарачката маса и идејата за размена на територии. Не зборува веќе никој на таа тема. Не се доведува воопшто во прашање унитарниот карактер на државата, изјави Хоти.
Тој рече дека посетата на Лајчак на Косово, од каде што задутре ќе отпатува во Србија, „доаѓа во вистински момент за проценка на процесот на дијалогот” меѓу двете држави.
– Посетата на Лајчак во Приштина доаѓа во вистински момент за проценка на процесот на дијалогот и за да се испланира наредната средба во рамките на овој процес, изјави Хоти.
Лајчак ја започна попладнево дводневната официјална посета на Приштина, каде што вечерва, освен со Хоти, се сретна со претседателката на Собранието на Косово, Вјоса Османи. За утре се предвиени средби со претседателот на државата Хашим Тачи и со лидерите на најголемите политички партии од власта и опозицијата.
Според најавите од Брисел, по завршувањето на посетата на Приштина, в четврток, на 15 октомври, Лајчак ќе отпатува во официјална посета на Белград