Зоран Милевски Кичеец, кој вчера најави дека до полноќ ќе се појави во затворот во Шутка на издржување на затворската казна, сепак испратил барање да му се одложи казната, објави ТВ 24.
Судијата Пајазит Пајазити, како што брифираат од Кривичен суд за ТВ24, почнал да го разгледува неговото барање и засега нема детали врз основа на што осудениот за „Рекет“ се повикува за да го помести издржувањето на казната од 3 години затвор.
Кичеец вчера ветуваше дека сам ќе се пријави и дека нема да бара одложување, иако претходно имал поднесено барање до судија за извршување на санкции.
На Милески му остануваат нешто помалку од една ипол година затвор бидејќи остатокот веќе го отслужи во притворското одделение во Шутка.
Тој на почетокот на судењето за „Рекет“ ја призна вината и експресно беше осуден, додека Бојан Јовановски Боки 13 доби 9 години затвор, а поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева доби седум години затвор.
За разлика од Боки, кој во моментов е во болница, Јанева е во куќен притвор.