Македонија со нова победа ќе биде се посигурна на втората позиција во групата

Македонските фудбалски надежи денеска (14.30 ч.) на терените во СЦ „Петар Милошевски“ играат нов натпревар во кавлификациската група за ЕП-2021, а противник ќе им биде Израел. Тимот до 21 година е на вистинскиот пат повторно да стигне до завршница на ЕП, откако оваа возрасна селекција во 2017 година, под водство на сегашниот селектор Благоја Милевски со други играчи, кои сега повеќето се во сениорскиот тим, го „скрши мразот“ и стана првиот државен состав кој избори настап на континентален собир. По триумфот во Алмати против Казахстан (1:4) изминатава недела, денеска македонскиот состав ќе атакува на нов триумф,  петти во 6. квалификациска група како домаќин против конкурентот за втората позиција Израел. По оваа пресметка во Скопје на 12 ноември следува реваншот во Израел, а настапите во групата македонските надежи ќе ги завршат со домашен натпревар на 17 ноември против Црна Гора.

Македонија сега е осамена на втората позиција, но за да го зачува тоа место и да се надева дека ќе биде меѓу петте најдобро вторпласирани селекции од деветте квалифиакциски групи кои покрај првопласираните ќе патуваат на завршницата од ЕП-2021 што ќе се одржи во Унгарија и Словенија, треба да ги реши трите преостанати средби во своја корист. Прв и вистински тест за тоа е Израел кој се заканува да ја симне Македонија од втората позиција.

Селекторот Милевски и неговите избраници се свесни за тоа, но како велат одат чекор по чекор да ја завршат успешно започната работа, а со математиките дали ќе стигнат да бидат меѓу петте најдобропласирани од сите групи ќе видат на крајот од квалификацискиот циклус. Пред дуелот со Израел, Милевски има проблем што во одбараната ќе недостасува капитенот Агрон Руфати кој поради жолти картон ќе го прескокне овој дуел. На негово место Милевски го повика Бојан Илиевски од Пелистер.

Во 6. квалификациска група лидер е Шпанија со 19 бода, пред Македонија (13), Израел (11), Казахстан (10), Црна Гора (7) и Фарски Острови (3).

 

 

Треба да знаете
Последни објави