Шпанскиот тенисер Рафаел Надал ја освои рекордната 13. титула на гренд-слем турнирот Ролан Гарос во Париз. Кралот на „земјените терени“ Надал на својата рака имаше часовник вреден повеќе од еден милион долари.
Швајцарскиот бренд за луксузни часовници „Ришар Мил“ го издаде моделот „РМ 27-04“ минатиот месец за да ја одбележи десетгодишната соработка со шпанскиот тенисер. Овој луксузен часовник го произведе во ограничена серија од 50 примероци. Часовникот кој вреди 1,05 милиони долари тежи само 30 грама со каишката, што го прави најлесен на светот.
Надал има долга историја во носењето на скапи часовници на тениските терени. Во 2017 го освои Ролан Гарос со „Ришар Мил“ од 750.000 долари, а на ланскиот Ју-Ес опен носеше часовник вреден 725.000 долари.