Населението во Германија се намали за првпат по речиси 10 години поради ограничената миграција поради пандемијата на коронавирусот, покажуваат податоците на Федералниот завод за статистика на земјата.
На крајот на јуни во Германија живееле 83,1 милиони луѓе, со што населението е намалено за 40.000 или 0,05 проценти во првата половина на годината.
Последниот пад беше во втората половина на 2010 година. Оттогаш, популацијата расте стабилно – најостро во втората половина на 2015 година, кога бранот мигранти кон Европа предизвика зголемување на населението за 717.000 луѓе.
Според Федералниот завод за статистика, од март до мај имало нагло опаѓање на нето миграцијата, кога населението се намалило за 59.000. Токму во текот на овие месеци европските земји воведоа блокада поради коронавирусот.
Во јуни, германското население порасна за 4.000, што е многу помалку од 14.000 една година претходно.
Прелиминарните податоци покажуваат нето миграција од 74.000 во првата половина на годината во споредба со 167.000 претходната година. Бројот на починати е за 112.000 повисок од новородени, со што разликата е зголемена во однос на 105.000 минатата година.
Заводот нагласува дека одложувањето на регистрацијата на нови пристигнувања и заминувања поради пандемијата исто така може да има влијание врз статистиката.