Специјалниот оддел на италијанската полиција-карабинери, НАС, од јуни до септември извршил контрола врз продажба и употребата на лекови и почитување на хигиенските мерки во јавните институции во цела Италија, и на Интернет, пишува весникот „Ил Фато Котидијано”.
Како резултат на истрагата, 60 сајтови се укинати затоа што продавале „чудотворни”, а всушност лажни лекови за Ковид-19, или продавале лекови кои биле забранети поради опасни несакани ефекти.
За време на акцијата, карабинерите извршиле контрола во 14.200 јавни институции, утврдиле неправилности и заплениле милион заштитни маски кои не ги исполнувале нормите и 46.000 гелови за дезинфекција кои не ја исполнувале нивната намена, односно биле лажни.
Во повеќе од 1.200 домови за стари лица, карабинерите откриле сериозни неправилности, од оние поврзани со неопходните хигиенски мерки до структурните и непочитувањето на мерките предвидени со владините декрети.
На врвот на пандемијата на Ковид-19 во Италија, во март и април, најголем број жртви имаше меѓу станарите на домовите за стари лица, а една од причините беше токму непочитувањето на превентивните мерки за заштита.
По повод акцијата, италијанскиот министер за здравство, Роберто Сперанца изјави дека борбата за правото на здравје е секогаш важна, а уште повеќе во деликатната ситуација низ која поминуваме, за време на пандемијата на Ковид-19.