Тродневната голгота низ која поминувам поради информацијата дека сум дала грант од 270.000 евра на фризерница е замајување на јавноста, изјави директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Лидија Димова на денешната прес конференција.
-Би сакала да кажам дека сметам дека тродневната голгота се должеше на тоа дека во јуни месец објавив сторија за злоупотреба на европски средства од 2.2 милиони евра и од овде започна цела голгота, а ова е случај од лани кој е пријавен уредно во Брисел и за ова прашањата треба да ги поставите кај Јавниот обвинител,изјави Димова.
Директорката потоа објасни дека не е даден грант на фризерница, туку на друго претпријатие, а истакна дека фотографиите на кои таа се наоѓа со Зоран Златковски, кој е корисник на спорниот грантсе монтажа.
-Станува збор за давање на грант точно, поточно на повеќе грантови, но не на фризерница, туку на претпријатието В.Е.З ТРЕЈД, а господинот Зоран Златковски е сопственик пред чија продавница се направија многу монтажи, а последната е дека јас со него се наоѓам пред неа. Дури и тоа да беше фризерница, во Еразмус програмата има простор за сите, во минатото сме давале такви грантови и тоа не е ништо спорно. Другата манипулација е дека директорката е таа која ги дава парите, а тоа тотално е неточно. Ниту јас ниту некое физичко или правно лице ги дели парите, тие се делат по строго утврдени правила кои ги диктира Брисел. Ние сме на еднакво ниво како и државите членки на ЕУ и ги применуваме нивните правила. За тоа да се случи ние добиваме посебен прирачник каде стојат сите правила за оценување на проектите, истакна Димова.