Русија е одговорна за кибер нападот, кој во август е извршен на норвешкиот Парламент, изјави денеска норвешката министерка за надворешни работи Ине Ериксен Сореиде.
– Врз основа на информациите кои ги има Владата, наша проценка е дека Русија е одговорна за овие активности, истакна Сореиде.
Парламентот во Осло соопшти на 1 септември дека бил мета на кибер напад во текот на претходната недела, а биле хакирани електронски пошти на неколкумина пратеници и вработени во законодавниот дом. Тогаш властите не наведоа на кого се сомневаат во врска со нападот.
– Ова е сериозен настан кој ја погоди нашата најважна демократска институција, нагласи шефицата на норвешката дипломатија, без да наведе, доколку се случи, какви чекори ќе преземе Норвешка против Русија.
Засега руското Министерство за надворешни работи нема дадено никаков коментар во врска со тоа.
Норвешка, која е членка на НАТО, има граница со Русија на Арктикот.