Кога бев избрана за министерка за одбрана, бев свесна дека ќе се соочам со многу видливи и невидливи тестови, да те тестираат и да те проверуваат постојано, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која заедно со одбранбеното аташе на Обединетото Кралство акредитиран во Република Северна Македонија, потполковник Ендрју Лејтон денеска на панел-дискусија го промовираа вториот Национален акциски план за имплементација на Резолуцијата 1325 на Обединетите нации „Жени, мир и безбедност 2020-2025″, во касарна „Страшо Пинџур” во Петровец.
Таа упати честитки до сите жени, кои во околности на секојдневен тест и проверка успеваат да издржат и да се докажат и токму поради тоа постојано тестирање, нагласи, можеби се и посилни.
Оваа област и во високо развиени држави, подвлече Шекеринска, се смета последен машки бастион.
– Работата е далеку од завршена. Оваа Резолуција „Жени, мир и безбедност” 20 години е клучната алатка во рацете на политичките лидери за повеќе и подобро да ги вклучат жените во тешки, деликатни, па и опасни процеси, што не се само справување со конфликте, туку у мировни преговори, решавање воени и политички конфликти, како и генерално зголемување на процентите на жени во безбендосните структури. Затоа беше оправдана одлуката на Владата целокупната работа на овој процес да премине во МО и да го подготвиме вториот акциски план и да покажеме дека тоа не е само тема со која ќе се занимаваат задолжените луѓе во труд и социјала, туку дека и луѓето кои се во одбраната се исто така свесни дека е ова важно прашање, рече Шекеринска.
Таа истакна дека во изминатите три години во МО работеле да се смени ситуацијата, не само на хартија, туку да се покажат промени и во реалноста.
Посочи дека е поставена и апликација за пријавување вознемирување на работното место, назначени се родови советници кои се присутни во сите структури во Армијата и ги има и жени и мажи, што, според неа, е најгомелиот знак за успех.
Шекеринска дополни дека се вршени и обуки против родово вознемирување, а се залагале и воената средина со практични чекори да ја напарават поотворена кон жени.
– Родовата еднаквост и присуството на жени и во овие средини ги прави општествата помирни, постабилни, поотпорни. Тоа особено сакаме да го покажеме во област каде што ги имало помалку. Уверена сум дека промените не се прават само со акциски план, но со акциски план покажуваме дека знаеме каде сакаме да продолжат промените, рече министерката за одбрана Шекеринска.
Според неа, залагањето за родова еднаквост не е само залагање за социјално, политичко и економско охраборување на жените, туку и залагање за напредок и превенција на конфликти.
– Овој акциски план го потврдував секој ден кога ќе именував нова раководителка на сектор, секој пат кога ќе унапредев нова полковничка, секојпат кога ќе имавме жени што го носат не само овој процес, туку и многу други процеси во Армијата и секоја отворена врата за нив беше доказ дека акцискиот план нема да ни остане само хратија што ќе ја штиклираме, истакна Шекеринска.
Според потполковник Ендрју Лејтон, акцискиот план е клучниот индикатор на евроатлантскиот пат на земјата, на вредностите и стандардите. Тој говореше за искуствата и резултатите кои заедно со Обединетото Кралство, што од почеток го поддржа овој процес за изработка на овој документ, ги споделија со нашата држава односно МО.
Преку видео линк на денешните учесници своите искуства и ставови ги сподели Катерина Ставревска, дипломат од кариера од МНР, која од 2017 година до неодамна беше шеф на кабинет на министерката за одбрана.
– Препознајте и оправдајте ја довербата што ви се дава. Патот до успехот е долготраен процес, што опфаќа голем број врвови, тестирања и нови почетоци. Не беше лесно, но искуството покажа дека беше оправдано што го прифатив предизвикот. Овде не е лесно, порача Ставревска, која од септември оваа година е на студии на престижната програма на Кралскоит колеџ за одбранбени студии во Лондон, една од 10-те жени меѓу вкупно 104 студенти, членови на Колеџот.
За полковник Билјана Блажевска, аѓутант на претседателот и врховен командант на вооружените сили на Република Северна Македонија, прва жена што ја врши оваа функција во нашата држава, во МО и во Армијата има силна волја за зајакнување на родовата еднаквост, поддржана од министерката за одбрана и од авторитетите во Армијата. Тоа, истакна, е една од заложбите и на претседателот, како врховен командант на Армијата.
– Не е доволно само политичка волја, ние треба сите да покажеме заедно волја да се бориме за кршење на стереотипите и со личен пример да покажеме и докажеме дека Армијата е свет во кој рамноправно можат да чекорат и чекорат мажите и жените, порача полковник Блажевска.