Стотици илустрации што ги краселе кориците на многу детски книги, списанија, учебници од вечерва во 20 часот ќе бидат изложени во „Мала станица“, со што ќе биде отворен вториот меѓународен фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“. Изложбата ќе ѝ биде достапна на публиката сѐ до 1 ноември. Од 15 октомври, од 9 до 19 часот може да се видат делата на доајенот на македонската ликовна уметност, по посебен ковид-протокол.
Идејата на „Литера“, што го организира Центарот за визуелна комуникација од „Ефектива“ од Скопје, е на денешните генерации да им го доближи исклучителното значење на овој уметник. За време на првиот фестивалски ден, група деца ќе сликаат свои дела инспирирани од илустрациите на Кондовски.
-Димитар Кондовски е еден од малкутемина македонски ликовни уметници чие творештво остави траен белег во времето. Неговото дело е широко во својот опфат и длабоко според својот мисловен дофат. Златната трага што тој ја врежа во скаменетото време е чудесен сложен орнамент чија тајна уште не е откриена. Работата за децата и за оние кои светот можат да го видат со детски очи на Кондовски му даде можност да го претстави светот како волшебна сликовница. Користејќи ја слободата што му ја дава работата за деца Димитар Кондовски го отвори своето дело за сништата. Тој докажа дека голем уметник е волшебник кој може да го претвори обичниот лист хартија во шума каде меѓу дрвјата блеска месечина и осветлува езеро сјајно како огледало – меѓу набабрени од роса виолетови и црвени цветови крај езерото танцуваат самовили со распуштени коси во проѕирни велови, а над нив меѓу облаците лета млад јунак на крилато коњче. Работејќи сликовници за деца и илустрирајќи книги тој имаше можност да истражува еден поинаков свет, свет каде чудата се можни – пишува ликовниот критичар Емил Алексиев.
Освен изложбата, второто издание на „Литера“ ќе донесе и пет работилници наменети за детската публика, кои ќе се реализираат во Даут-пашиниот амам. Креативните деца ќе можат да творат во повеќе области – креативно пишување, цртање и др.
Фестивалот „Литера“ најде најчин и за време на карантинските денови да ги мотивира децата да творат. Неколку илустрации на Кондовски им беа инспирација и ни праќа нивни приказни и раскази. Во чест на октомври – месецот на штедењето, авторот на најдобриот детски текст од „Халк банка“ Скопје ќе добие штедна книшка во вредност од 5000 денари.
Во рамките на фестивалот, на 16 октомври во 19.30 часот во Europe House во Скопје ќе се одржи дебата на тема „Како децата се запознаваат со предизвиците во животот преку литературата?“ На оваа дискусија ќе учествуваат: проф.д-р Весна Мојсова-Чепишевска, проф.д-р и писател Владимир Мартиновски, Искра Димковска („Сказнувалка“) и психологот Христина Стефановска.
Во рамките на фестивалот ќе бидат организирани пет работилници на кои ќе можат да учествуваат помал број деца. Доколку дозволат временските прилики, тие ќе се одржат во дворот на Даут-пашиниот амам, а во случај на заладување или дожд, активностите ќе се префрлат внатре.
На второто издание на „Литера“, под наслов „Емоцијата има своја боја“на 15 и 16 октомври работилница ќе одржи кустосот и едукатор од Националната галерија, Маја Димитрова и вајарката Моника Гошева.
Четири различни работилници ќе се одржат на 17 октомври. „Прочитај ми приказна/прочитај си приказна“ ќе ја води Коста Милков од издавачката куќа „Метаноја“. Во истиот термин од 11 часот ќе се реализира и работилница на тема „Среќни деца денес – подобри луѓе утре“, ќе одржи едукативниот центар „Скампер“ од Скопје.
Искра Димковска од издавачката куќа „Сказнувалка“ ќе одржи работилница инспирирана од сликовницата „Празнина“ од Ана Лјенас. Поетесата Ана Голејшка-Џикова ќе одржи работилница за креативно пишување
На 18 октомври во Даут-пашиниот амам, заедничка работилница ќе одржат „Полица“ и фестивалот „Литера“, на тема „Креирање книжевно дело од деца за деца“.
На 19 октомври, во Europe House фестивалот ќе додели награди за најдобрите македонски изданија меѓу двата изданија. Ќе бидат доделени три награди: за најдобра детска книга, за најдобра илустрација и издание во целина, за кои ќе одлучи стручно жири.
Фестивалот го помагаат: Делегацијата на ЕУ во Скопје, Министерството за култура, Град Скопје, „Халк банка“.