Директорката на Инфективната клиника во Скопје Милена Стевановиќ смета дека во функција ќе мора да се стави и монтажната болница која веќе е подготвена за прием на пациенти
Вкупно во болниците во земјава има 415 пациенти со ковид-19, од кои тројца се на респиратор.
Најмногу се на Инфективната клиника каде во изминативе 24 часа примени се 9 пациенти, со што вкупниот број на хоспитализирани е 87 пациенти. На кислородна поддршка се 47 пациенти, нема пациенти на механичка вентилација.
Во болницата во Козле хоспитализирани се 9 деца и 9 мајки позитивни на ковид-19.
Во ГОБ „8 Септември“ има 7 приеми, а вкупно хоспитализирани се 42 пациенти. На респиратор се 3 пациенти.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 33, а во болницата во Штип се 48 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица, Струга и Кочани се хоспитализирани 187, позитивни и сомнителни на ковид-19.
Директорката на Инфективната клиника во Скопје Милена Стевановиќ вчера изјави дека речиси е исполнет максималниот болнички капацитет, и во функција ќе мора да се стави и монтажната болница која веќе е подготвена за прием на пациенти.
„Последните денови се примаат од 13 до 14 пациенти, а иако истовремено се испишуваат и пациенти кои се оздравени, тој сооднос не е таков за да не се предвиди дека за многу кратко време капацитетот на Клиниката ќе биде целосно пополнет и ќе мора во функција да се стави монтажната болница“,
рече Стевановиќ за Телма.
Според неа, непочитувањето на превентивните мерки за заштита од ковид-19 од страна на граѓаните и нивното опуштање во однесувањето, сега е пресликано во бројките на новоинфицирани со корнавирусот.