Абхазискиот министер за одбрана, Владимир Ануа, побара од својот руски колега Сергеј Шојгу да отвори теренска болница со 500 легла во неговата земја, потребна за лекување на растечкиот број на пациенти со Ковид-19, пренесува ТАСС.
„Ве молиме да обезбедите итна помош и да ѝ испратите на Република Абхазија теренска болница со капацитет од 500 легла, заедно со медицински персонал, специјална опрема и потребни лекови“, стои во писмото, објавено од новинската агенција „Апснипрес“ во Абхазија.
Во писмото, Ануа вели дека епидемиолошката состојба во Абхазија е значително влошена, а бројот на случаи со Ковид-19 од неодамна пораснал.
Ситуацијата со Ковид-19 во републиката почна да се влошува на 22. јули. Меѓу 7 април и 15 јуни, Абхазија имаше само 38 случаи со коронавирус и еден смртен случај. Од 22. јули земјата регистрираше 2.392 случаи и 22 смртни случаи.
Единствената републичка болница која прифаќа пациенти со коронавирус, Централната регионална болница „Гудаута“, е исполнета до крај, а поголемиот дел од заразените се лекуваат дома.