– Владата на вчерашната седница ги разгледа препораките на Комисијата за заразни болести за задолжително носење заштитни маски на отворено и за забрана за групирање во домови на семејни прослави и на повеќе од четири лица на јавен простор по 22 часот, при што заклучи дека за нивно спроведување ќе бидат неопходни измени во Законот за заштита на населението од заразни болести, и воедно одобри набавка на вакцини за КОВИД-19.
Како што се наведува во соопштението од седницата, за воведување на новите рестриктивни мерки неопходно е да се направат соодветни измени во Законот за заштита на населението од заразни болести, со што ќе се обезбеди можност за нивна имплементација со подзаконски владини акти.
Комисијата за заразни болести минатата недела предложи воведување мерки задолжително носење заштитни маски или заштитна опрема секаде при престој на отворено, во јавни објекти, на работни места и во јавен и приватен транспорт, потоа за забрана за групирање во домови на семејни прослави при што се предлага на семеен настан во едно живеалиште да може да се примат најмногу четири луѓе, како и да се забрани групирање на повеќе од четири лица на јавен простор по 22 часот, односно да се забрани групирање по паркови, јавни површини или каде било на отворено.
Покрај ова, Владата побара од Бирото за јавни набавки да предложи најсоодветен начин за набавка на безбедни и ефективни вакцини против коронавирусот, потврдени и регулирани од Светската здравствена организација и го овласти министерот за здравство Венко Филипче да го потпише Договорот за преземени обврски со Глобалниот сојуз за вакцини за набавка на вакцини за КОВИД-19 преку КОВАКС и во координација со Министерството за финансии и Генералниот секретаријат на Владата да ги обезбедат потребните финансиски средства.
Ваквите владини одлуки следуваат откако по неколку дена на трицифрен број на новоинифицирани од коронавирусот, во деноноќието меѓу понеделникот и вторникот се регистрирани 80 нови случаи на Ковид-19, од направени 680 тестирања. Во посочениот период во болнички услови починати три лица, додека Институтот за јавно здравје регистрира 97 оздравени пациенти.
Со овие цифри вкупната бројка на Ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 21.193, на оздравени 16.397, а на починати 800. Во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3.996, од кои околу 45 отсто или 1.802 се од Скопје.
Вчера се огласи и Министерството за образование и наука, кое информира дека заклучно со 12 часот во текот на вчерашниот ден, вкупно се регистрирани 42 активни случаи на КОВИД-19 кај учениците и 65 кај наставници. Од нив, 29 ученици се од основно образование, а 13 од средно, додека 47 наставници се од основно, а 18 од средно образование.
До вчерашниот ден во земјава вкупно се хоспитализирани 432 лица позитивни и сомнителни на Ковид-19, од кои 95 на Клиниката за инфективни болести во Скопје. Според директорката на Клиниката, Милена Стевановиќ оваа бројка на хоспитализирани е речиси колку и нејзиниот максимален капацитет.
– Последните денови се примаат од 13 до 14 пациенти, а иако истовремено се испишуваат и пациенти кои се оздравени, тој сооднос не е таков за да не се предвиди дека за многу кратко време капацитетот на Клиниката ќе биде целосно пополнет и ќе мора во функција да се стави монтажната болница, која е комплетно опремена и подготвена за прием на пациенти, нагласи Стевановиќ при гостување во синоќешната емисија „Топ Тема” на телевизија Телма.
Таа смета дека непочитувањето на превентивните мерки за заштита од Ковид-19 од страна на граѓаните и нивното опуштање во однесувањето, сега го гледаме пресликано во бројките на новоинфицирани со корнавирусот.
– За мене како професионалец, неприфалтиво е во оваа ера кога светот гори од Ковид-19, да биде неопходна закана од казнена мерка за некој човек да преземе едноставни мерки за да се заштити себеси и своите блиски. Навистина тоа не ми е прифатливо, истакна Стевановиќ.