– Социјална исклученост, невработеност, родова дискриминација, нееднаква распределба на приходите и ресурсите, доминација на традиционалните норми, лишување од сопственост на земјоделско земјиште и имот, како и од право на платено родителскоотсуство, ограничени пристапи и понуда на образование, информации, здравствена заштита и други јавни и социјални услуги, се само дел од предизвиците со кои се соочуваат жените од руралните средини во земјава.
Како што вели за МИА претседателката на Националната федерација на фармери (НФФ), Васка Мојсовска, ваквите услови ги принудуваат руралните жени на живот во поголема сиромаштија и ја поттикнуваат миграцијата.
-Околу 64 отсто од руралните жени не се активни на пазарот на трудот поради ангажирање во домаќинството и грижа за деца, а 47 проценти од невработените рурални жени вршат неплатена работа во семејни фарми, нагласува Мојсовска во разговорот по повод претстојната јавна дискусија „Руралната жена и корона кризата” што ќе се одржи утре, на 15 октомври.
Според претседателката на НФФ, во однос на наследувањето имот, доминантната традиција во руралните средини им дозволува само на мажите да се појават како наследници.
-Само пет проценти од жените ретко се појавуваат како носители на имот и земјоделско земјиште, и тоа најчесто откако ќе станат вдовици. Најголем дел од нив не ги перципираат овие практики и традиции како дискриминирачки. Напротив, ги прифаќаат како нормални и ги почитуваат без приговор, напоменува Мојсовска.
Нејзина оценка е дека жените се меѓу најпогодените жители во селата од ударот на КОВИД-от врз земјоделството. Нивниот обем на работа сега е зголемен и дома и на поле, а трудот и натаму не е им вреднуван.
Дискусијата „Руралната жена и корона кризата” ќе биде онлјан, преку алатката зум, во рамки на настанот со кој ќе се одбележи Меѓународниот ден на жената од руралната средина. Настанот предвидува и промоција на кратки видеа за животот на жените од руралните средини, како и нивното економското јакнење, подготвени од страна на НФФ и Мрежата за рурален развој.
-Ова е веќе 13-та година како се организира настанот, но прв пат ќе биде преку „зум” поради корона пандемијата. Целта е обединување и подигање на свеста на руралните жени за нивната важна улога во локалните заедници и општеството. Ќе учествуваат претставници од институции, амбасади, организации и рурални жени од сите делови на земјава, информира Мојсовска.
Таа и во оваа прилика потсетува колку е важна Декларацијата за подобрување на економската и социјална положба на жените во руралните средини потпишана од Националната федерација на фармери, Мрежата за рурален развој, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за труд и социјална политика на 15 октомври 2018 година.
-Токму ние како невладини организации и овие две институции се заложивме дека заеднички ќе работиме на подобрување на економската и социјална положба на жените во руралните средини преку зајакнување на ефективноста и влијанието на националните програми за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, законите и стратегиите од областа на родовата еднаквост, недискриминација, земјоделство, рурален и социјален развој. По потпишувањето на Декларацијата почна и процесот на менување на дискриминаторните услови на мерката 115 за активен женски член во земјоделско стопанство од Програмата за финансиска поддршка за рурален развој, истакнува Васка Мојсовска.
15 Октомври е прогласен за Меѓународен ден на жената од руралната средина од страна на Обеднитетите нации во 2008 година.