Лајчак: На Косово му е потребен сеопфатен договор со Србија

Специјалниот пратеник на Европската унија за дијалогот меѓу Приштина и Белград, Мирослав Лајчак, по денешната средба со косовскиот претседател Хашим Тачи, порача дека на Косово му е потребен дијалог и сеопфатен договор со Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во објава на својата страница на Твитер, Лајчак напиша дека таквиот став го дели и претседателот Тачи.

„Имав мошне добар и исклучително содржаен разговор со претседателот Хашим Тачи. Се согласивме дека на Косово му е потребен дијлог и сеопфатен договор”, напиша Лајчак.

Кратката објава на Твитер по средбата со Тачи е единствениот коментар на европскиот емисар по неколкуте средби што вчера и денеска ги имаше во Приштина, а за кои најави дека ќе даде изјава утре, на крајот од официјалната посета на Косово.

Лајчак допатува во Косово вчера и попладнето се сретна со премиерот Авдулах Хоти и со претседателката на Собранието Вјоса Османи, а денеска, по приемот кај Тачи, се сретна и со лидерите на најголемите политички партии од власта и опозицијата. Предвидени се средби и со странски дипломати акредитирани во Приштина и со претставници на граѓанските организации.

Според најавите од Брисел, по завршувањето на посетата на Косово, утре, 15 октомври, Лајчак ќе отпатува во официјална посета на Србија.

Треба да знаете
Последни објави