На 13 октомври 2020 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на којашто беа разгледани движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.
По намалувањето на каматната стапка на благајничките записи во три наврати од почетокот на годината, на оваа седница беше одлучено таа да се задржи на нивото од 1,5%. Намалувањето на основната каматна стапка до тековното ниво, како и досегашното позначително намалување на понудениот износ на благајнички записи придонесоа за зголемување на ликвидноста на банкарскиот систем и поддршка на кредитните текови во економијата. Со оглед на веќе извршеното олабавување, а при и понатаму присутни ризици, на оваа седница беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се задржи на постојното ниво, како соодветно на тековните економски и финансиски услови. Истовремено, на седницата беше оценето дека ослободената ликвидност од вкупно 15 милијарди денари преку основниот инструмент на Народната банка во април и мај е соодветна, при што се одлучи на аукцијата што ќе се одржи денес да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари.
Последно расположливите макроекономски показатели упатуваат на годишен пад на бруто домашниот производ во првата половина од годината од 6,4%. Во однос на априлската проекција на Народната банка, ова претставува малку послабо остварување од очекувањата главно како резултат на отстапувањето за првиот квартал, додека остварувањето во вториот квартал беше во целост во согласност со проекцијата на Народната банка. Тековно расположливите високофреквентни податоци за третиот квартал од 2020 година упатуваат на поумерени негативни ефекти од здравствената криза врз економската активност, поместување коешто е очекувано и во проекцијата на Народната банка. Ова е видливо преку забавувањето на годишните стапки на пад на индустријата, градежништвото, прометот во угостителството, а делумно и кај трговијата.
Просечната годишна стапка на инфлација и натаму е на релативно ниско и стабилно ниво и за првите девет месеци од годината изнесува 0,9%, за што главно придонесуваат повисоките цени на храната. Во однос на проекцијата, ваквите остварувања се над очекувањата за стапка на инфлација од 0% во 2020 година. Во вакви услови, како и при различни насоки на ревизија кај увозните цени и нивна голема променливост посебно изразена во услови на глобалната пандемија, неизвесноста околу остварувањето на проекцијата на инфлацијата за 2020 година е зголемена, со претежно нагорни ризици.
Девизните резерви и на крајот на третиот квартал на 2020 година се на соодветно ниво и се одржуваат во сигурната зона, а во почетокот на октомври беше остварен дополнителен прилив од 80 милиони евра врз основа на заем на државата во рамките на макрофинансиската поддршка на Европската комисија. Главни фактори коишто делуваа врз промената на девизните резерви во третиот квартал се редовните отплати на обврските на јавниот сектор кон странство и интервенциите на Народната банка на девизниот пазар. Податоците од надворешнотрговската статистика заклучно со август упатуваат на можност за остварување трговски дефицит главно во согласност со очекуваниот, согласно со априлската проекција.
Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци за септември покажуваат нивен натамошен солиден годишен раст, којшто е повисок во однос на проекцијата за третиот квартал од годината.
Во периодот помеѓу двете седници на Комитетот, ликвидноста на банкарскиот систем во домашна валута дополнително се зголеми, што придонесе за многу ниска и повремена потреба на банките за тргување со краткорочни денарски ликвидни средства на пазарите на пари. Показателите за домашните финансиски пазари за септември 2020 година упатуваат на натамошно подобрување на движењата и на девизниот пазар, со оглед на порастот на понудата на девизи од физичките лица на менувачкиот и девизниот пазар. Овие случувања беа проследени со одржување на девизната ликвидност на банките на стабилно ниво и придонесоа за натамошно намалување, не само на присуството на Народната банка на девизниот пазар, туку и на износот на интервенции за продажба на девизи на банките поддржувачки, којшто во септември беше најнизок (11 милиони евра) од почетокот на кризата наваму. Поволните движења на девизниот пазар продолжуваат и на почетокот на октомври, кога банките на нето-основа откупуваат девизи од економските субјекти, а Народната банка нема интервенции.
За разлика од оптимистичките согледувања на учесниците на меѓународните финансиски пазари во август, минатиот месец преовладуваше зголемена загриженост на инвеститорите поврзана со: новиот бран на ширење на корона-вирусот, особено во Европа, неизвесноста околу дополнителната фискална поддршка во САД и изгледите за Брегзит со или без постигнат трговски договор. Во такви околности, инвеститорите имаа поголем интерес за вложување во побезбедни финансиски инструменти, а зајакна и САД-доларот. Следствено, умерено се зголемија цените на државните обврзници издадени од земјите на еврозоната, а на релативно високи нивоа се задржаа и цените на државните обврзници во САД.
Општо земено, на седницата на Комитетот беше заклучено дека засега тековите се стабилни и последните макроекономски показатели главно се движат во согласност со очекувањата, при што согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се непроменети во однос на претходната оцена. Неизвесноста и ризиците од идните макроекономски ефекти од пандемијата предизвикана од ковид-19 и натаму постојат, како во глобални рамки, така и во рамките на домашната економија. Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици, заради соодветна реакција, доколку тоа е потребно.