Претседателот на Киргистан, Соронбај Женбеков планира да поднесе оставка по парламентарните избори, изјави денеска неговата портпаролка Толгонај Стамалијева.
– Претседателот ќе поднесе оставка штом ја врати земјата во правни рамки или штом се одржат парламентарните избори и се распишат нови претседателски избори, објасни Стамалијева.
Тој денеска го именуваше за нов премиер Садир Жапаров, политичар кој бара негова оставка, во обид да стави крај на политичката криза која ја зафати земјата откако спорните парламентарни избори поттикнаа масовни протести.
Женбаков и Жапаров разговараа за евентуална оставка на претседателот. Жапаров истакна дека Женбаков е подготвен да се повлече штом бидат именувани новиот премиер и претседател на Парламентот.
Портпаролката нагласи дека разговорите за оставка на шефот на државата продолжуваат.
Локалните медиуми пренесуваат дека на денешната прес-конференција Жапаров изјавил дека и понатаму ќе се залага за оставка на Женбеков, која била „барање на народот”.