Кандидатите за претседател на САД од Републиканската и Демократската партија, Доналд Трамп и Џо Бајден вчера одржаа предизборни собири во важните сојузни држави Пенсилванија и Флорида, на нецели три седмици пред изборите закажани за 3 ноември.
Досега 12 милиони Американци гласаа на изборите, вклучувајќи 1,6 милиони на Флорида, покажува проекцијата на Универзитетот Флорида. Со тоа е урнат рекордот по бројот на предвремени гласови.
На митингот во Пенсилванија, Трамп ја критикуваше енергетската политика на Бајден, бидејќи индустријата за нафта и гас вработува голем број жители на таа држава, а анкетата на Ројтерс/Ипсос покажува дека актуелниот претседател заостанува зад Бајден во клучните држави.
Трамп го обвини Бајден дека сака да го забрани хидрауличното фрактурирање, процес на извлекување нафта и гас кој се смета за еколошки штетен.
– Едно од најважните прашања во Пенсилванија е опстојување на фрактурирањето, им рече Трамп на насобраните, сугерирајќи дека поради Бајден, многумина во Пенсилванија ќе останат без работа.
– Џо Бајден повеќе пати рече дека ќе го укине фрактурирањето. Тој е лажго, додаде Трамп.
Бајден претходно изјави дека ќе забрани ново производство на нафта и гас на земјиште во сопственост на федералната влада, но рече дека нема да забрани фрактурирање, иако претходно изнесуваше конфузни ставови.
Во меѓувреме, Бајден беше во Флорида, обраќајќи им се на постарите гласачи и критикувајќи го Трамп за начин на кој управува со пандемијата на коронавирусот.
Анкета на Ројтерс/Ипсос објавена во понеделникот покажува дека Бајден има предност од седум процентни поени во Пенсилванија, во однос на пет процентни поени една недела претходно.
Трамп победи во таа држава во 2016 година со мала разлика.
Обраќајќи им се на околу 50 луѓе собрани во округот Броуард, јужна Флорида, Бајден рече дека Трамп немарно ја отфрла заканата од коронавирус. – За Доналд Трамп вие сте потрошни. Некои на кои може да се заборави. Вие сте речиси никој. Така тој гледа на постарите лица. Така ве гледа вас, им порача Бајден на насобраните приврзаници. Поради заканата од Ковид-19, Бајден во рамки на кампањата организира мали собири со почитување на епидемилошките мерки, наспроти Трамп кој организира масовни митинзи, каде ретко кој досега носеше заштитна маска.
Доколку Бајден победи на Флорида, значително ќе се намалат шансите на Трамп за реизбор, а последната анкета покажува дека демократите имаат поголема поддршка од клучните демографски групи во државата, посебно од постарите лица. Трамп победи на Флорида во 2016 година со разлика од 1,2 процентни поени.