Во овој момент освен препораките од минатата недела нема потреба од други дополнителни рестрикции поради Ковид-19, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Во текот на минатата недела, посочи министерот, препорачавме да нема собири со повеќе од четири лица после 22 часот, да нема собири со повеќе од четири лица во домашни услови, нешто што го имплементираат и други европски земји и препораката за носење маска на отворено заради тоа што сметаме дека тоа е мерка што ќе влијае да се намали овој бран со кој сега се соочуваме.
– Од формално правен аспект треба да се промени законот, заради тоа што сите овие мерки вклучително и носење на лична заштитна опрема на отворено се регулираше со уредба со законска сила која се донесе при крајот на вонредната состојба. За да може ова да се спроведе и за да може институциите да го контролираат иако не се спроведува да го санционираат мора да се направи законска измена. Најбрз начин е да се интервенира амандмански во Законот за заштита на населението од заразни болести кој е веќе во собраниска процедура, рече Филипче.
Потенцира дека ја кажале нивната препорака во смисла и гледано низ призма на заштита на здравјето и дека тоа е нешто што тие веќе го прават во Владата со зум седниците, преку зум платформата итн.
– Никако не треба да се сфати платформата како обид да се компромитира било кој капацитет на Собрание… Нека утврдат службите, нека се каже од законодавно-правен аспект гледано дали сето тоа може да се спроведе. Технички верувам дека може да се изведе. Исто така верувам дека се сите свесни дека во периодот што доаѓа, приоритет ќе биде заштита на здравјето. Секогаш ќе се случи дали ќе биде инфекција од надвор да има некој заразен. Мора да бидеме свесни во сите организации, тоа е во нашите препораки уште на почетокот – кој може да работи од дома тоа да го прави. Јас верувам дека ќе ги разгледаат сите аспекти и дека сепак ќе стават приоритет на заштита на здравјето дека може вака да функционираат сите институции, вклучувајќи го и Собранието, додаде Филипче, одговарајќи на новинарско прашање по отворањето на производствениот капацитет на првата македонска компанија лиценцирана за одгледување канабис за медицински цели „НЈСК Холдинг”.