Вицепремиерот за борба против корупцијата и криминалот, човечки ресурси и одржлив развој, Љупчо Николовски, во емисијата “Економски магазин” на Алсат М, кажа дека е исклучително важно за развојот на државата што борбата против корупцијата е ставена како врвен приоритет.
Николовски смета дека сега ништо не стoи на патот за расчистување со корупцијата и криминалот, за разлика од досега кога државата се соочуваше со крупни проблеми.
“Добро е што после 3 децении, оваа држава доби имотен лист. Значи, ние не можеме да зборуваме за борба против корупција и инвестиции, кога ние имавме многу покрупни проблеми од кои зависеше опстанокот на државата. Имавме еден режим којшто ги сруши сите институции и сега ние почнуваме од минусно салдо, да работиме нешто што треба другите генерации да го сработат. За две години Станавме членка на НАТО, ги решивме сите крупни проблеми, добивме одлука за почеток на преговорите со Европската Унија, и добро е што денеска во сите извештаи зборуваме за борба против корупцијата и приоритетите и она што ни се поставува како задачи се токму овие теми кои се значајни за граѓаните, за да ја врати довербата во системот, за да постои ред, дисциплина, за да постои правда во сите области, не е тоа само нешто во судството, туку да ги доведеме во ред работите и да профункционираат институциите. Затоа беше потребата од една координитивна улога во овој период којашто сега се воспоставува”
Николовски истакна дека не може да се очекуваа од оваа нова координативна улога, работите да се средат преку ноќ. Се работи за низа напластени проблеми и навики и дека не само институциите и приватниот сектор, туку дека и граѓаните се дел од алката, граѓаните исто така наоѓаат начин како да си ја завршат некоја работа надвор од постапките процедурите, на начин којшто ни создава проблем и главоболки.
Вицепремиерот Николовски кажа дека Извештајот на Европската Комисија ја поздравува сеопфатноста и пристапот нов којшто го имаме во делот во борбата против корупцијата.
Тој истакна дека неповрзаноста на надлежните институции, финансиска полиција, МВР, министерсвото за правда, УЈП во делот со размена на информации, не смее да биде причина за ненапредување во борбата против корупцијата. Николовски увери дека координацијата на овие институции значително ќе ја зајакне соработката, а со тоа и борбата против корупцијата и криминалот.
“Со многу чесност, со многу искреност, пред се со многу работа ќе покажеме резултати, рече Николовски