Состанок Ангеловска-Бежоска – Паолучи: Мерките на Народната банка беа соодветни и придонесоа за ублажување на ефектите од ковид-кризата

Од исклучително значење за македонската економија се вложувањата на Народната банка во одржувањето на финансиската стабилност. Ова се согледува и во текот на ковид-кризата, кога сите стандардни показатели за оценка на состојбите во банкарскиот систем се задржуваат на солидно ниво. Светската банка постојано ги следи активностите и спроведувањето на препораките, вклучително и во однос на воспоставувањето соодветна макропрудентна рамка и во унапредувањето на анализите и на следењето на системските ризици, согласно со највисоките меѓународни стандарди. Соработката меѓу двете институции во претстојниот период и дополнително ќе се засили преку веќе планираните проекти на Народната банка за коишто Светската банка дава поддршка.

 Ова се дел од констатациите од првиот работен состанок меѓу гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и дел од тимот на Народната банка и новиот директор на Канцеларијата на Светската банка во земјата, Масимилиано Паолучи, и дел од неговиот тим, којшто се одржа видеотелеконференциски.

 

Како што беше истакнато на состанокот, со заедничка посветеност ќе се продолжи со развивање на капацитетот за следење на системските ризици, унапредување на на макропрудентната рамка, збогатување на инструментите за решавање на банки и сл. Овие активности меѓу другото ќе треба да резултираат и со Закон за финансиската стабилност, како и со измени на постојната законска регулатива со коишто ќе се прошири инструментариумот на Народната банка.

 На состанокот се разгледаа и остварувањата на македонската економија во актуелниот период, ефектите од ковид-кризата и досегашните преземени мерки за неутрализирање на ефектите. Тимот на Светската банка се осврна на досегашните мерки на Народната банка, вклучително и на дадената можност за одложување на наплатата на кредитите и другите мерки за олеснување на финансискиот товар на кредитокорисниците, како и на прудентниот третман на кредитите за коишто се користат овие мерки за поддршка. Kако што беше посочено, овие мерки имаа клучна улога во ублажувањето на неповолното економско влијание на пандемијата, а на состанокот се разговараше и за важноста на внимателното димензионирање на мерките, за да се избегнат непотребни и несакани ефекти, како и за потребата од издржана излезна стратегија. 

Кон завршницата на состанокот, Ангеловска-Бежоска и Паолучи искажаа решеност во претстојниот период и дополнително да се засили комуникацијата и соработката меѓу тимовите на двете институции.

 

 

Треба да знаете
Последни објави