Кралицата Елизабета Втора за прв пат од март и карантин наметнат поради пандемијата на коронавирусот се појави во јавноста за време на посетата на воената лабораторија „Портон Даун“.
Откако беа воведени ограничувањата, 94-годишната кралица, која карантинот го помина во замокот Виндзор, ја извршуваше својата должност по телефон или видео од нејзината палата.
Нејзиниот внук, принцот Вилијам, беше со неа кога првпат се појави во јавноста.
Лабораторија во Портон Даун во југозападна Англија е позната по идентификувањето на нервниот агенс новичок со кој се отруени поранешниот двоен шпион Сергеј Скрипаj и неговата ќерка Jулија во блискиот град Солсбери пред две години.
За време на посетата, кралицата и принцот ќе се сретнат со персоналот на „Портон Даун“ и со други воени лица вклучени во процесот на идентификација на новичок, како и со други научници кои и помагаат на владата да одговори на пандемијата на коронавирусот.
Формалната цел на посетата е да се отвори нов центар на лабораторијата каде што на кралицата и принцот ќе им биде прикажана форензичката обработка на експлозиви.
Исто така, ќе им бидат прикажани оружјето и тактиките што се користат во контраразузнавачките операции.
Од март, кралицата се појави само во Виндзор на воена церемонија во јуни по повод нејзиниот роденден и на церемонијата на прогласување за витез на стогодишниот капетан Том Мур, кој собрал милиони фунти за здравствени услуги.
Таа одеше и во нејзините приватни резиденции – шкотскиот замок Балморал и во Сандрингем на истокот од Англија.