На грчкиот владин авион со кој леташе министерот за надворешни работи Никос Дендиас од Багдад во Атина, му беше одбиена дозволата за премин и беше задржан над турскиот воздушен простор, бидејќи авионот полетал од Ирак без план за лет, соопшти Анкара.
Грција претходно ја обвини Турција за намерно држење на владиниот авион, кој кружел 20 минути пред да му биде дозволено да го премине турскиот воздушен простор.
Турција ги негираше обвинувањата, наведувајќи дека авионот полетал од Ирак без план за лет, но му било дозволено да помине откако тој бил обезбеден.
– Ова е уште една провокација во турската низа провокации. Се надевам дека инцидентот нема да се повтори во иднина, изјави портпаролот на грчката Влада, Стелиос Пецас.
Тој рече дека грчкото Министерство за надворешни работи се пожалило на турските власти.
Портпаролот на турското Министерство за надворешни работи Хами Аксој ја отфрли сугестијата дека авионот со грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас бил намерно задржан како провокација кон Атина.
– Авионот полетал од Ирак без да претстави план за лет. Кога авионот влезе во нашиот воздушен простор, од ирачките власти беше итно побаран план за лет и летот беше безбедно продолжен по приемот на планот, рече Аксој.
Тој додаде дека по дефектот на тој авион во Ирак, Грција испратила уште еден авион кој исто така добил дозвола за летање низ турскиот воздушен простор, „со ист број на дозвола за лет, без никакво одлагање”.