Танзаниските власти соопштија денеска дека планираат да ангажираат хеликоптери за гаснење на пожарот, кој беснее веќе петти ден на највисоката африканска планина Килиманџаро, додавајќи дека е евакуирана група странски планинари.
– Се уште се бориме со пожарот. Ситуацијата е потешка отколку што мислевме претходно. Предизвик се силните ветрови, сувата трева и вегетацијата. Кога ќе ја завршиме денешната задача, би можеле да ангажираме хеликоптери и авиони за гаснење на пожарот, напиша на Твитер танзанискиот министер за туризам Хамиси Кигвангала.
Во меѓувреме, странски планинари се евакуирани минатата ноќ.
– Освен мојата швајцарска група, имаше и пет-шест други групи кои мораа да ги демонтираат шаторите на полноќ, истакна Хенинг Шмит, германски водич на највисокиот врв на Африка, објаснувајќи дека „пожарот се шири се повеќе”.
Пожарот избувна во неделата и за негово гаснење се ангажирани околу 500 луѓе. Планината Килиманџаро е висока 5.895 метри и секоја година е посетен од речиси 50.000 туристи.