Денеска во Комисијата за финансирање и буџет почнува расправата за Предлог измените и дополнувањата на Буџетот за 2020 година. Ребалансот на Буџетот за 2020 година обезбедува 470 милиони евра за реализација на четвртиот пакет мерки за справување со економските последици од коронакризата. Со овој пакет мерки, 70 милиони евра ќе се искористат за спас на 83.000 работни места, односно ќе се субвенционираат вкупно 250.000 плати за месеците октомври, ноември и декември, а поддршката за исплата на плати ќе биде скалеста, ќе се движи од 14.500 до максимални 21.776 денари месечно. Со 27,6 милиони евра ќе се помогнат 283.000 граѓани кои ќе добијат домашни платежни картички во вредност од по 6.000 денари.
Само со овие две мерки близу 100 милиони евра ќе завршат кај над 360.000 наши сограѓани.
Покрај ова уште дваесеттина мерки содржани во четвртиот пакет, обезбедуваат силна поддршка за компаниите, обезбедуваат поволни кредити, грантови, но и даночни олеснувања за брзо опоравување на секторите кои се најмногу погодени. Од почетокот на кризата, Владата, надлежните институции покажуваат вистинска грижа за граѓаните и деловните субјекти кои се најмногу погодени. Тоа продолжува и со овој ребаланс, со овој пакет економски мерки. Во период кога целиот свет се соочува со економска криза, важна е навремената и ефикасна помош во справување со последиците. Затоа, ги повикувам сите пратеници, низ конструктивна и отворена дебата, да ги поддржиме овие измени и дополнувања на Буџетот за 2020. Сега не е време за теснопартиско однесување, сега е време да им помогнеме на нашите сограѓани, да и помогнеме на нашата, македонска економија. Да се водиме од одговорноста што ни е дадена и да го изгласаме ребалансот на Буџетот за 2020 година.