Во Словенија од утре ќе се воведе карантин во седум од 12 региони, со цел да се спречи ширењето на коронавирусот, одлучи Владата во Љубљана.
Уредбата за забрана за собирање на повеќе од 10 лица на јавни или приватни места во централна Словенија, Горењска, Корошка, Засавје, Посавје, Савинска и југоисточниот дел на Словенија ќе стапи во сила на полноќ, пренесува СТА.
Таквата мерка е воведена во овие региони затоа што во изминатите две недели, просечно 140 жители на 100.000 се заразувале со коронавирусот.
Министерот за внатрешни работи Алеш Хојс денеска на прес-конференција рече дека жителите на овие региони за време на карантинот нема да смеат да го напуштаат регионот или да влегуваат во други, со одредени исклучоци како што се одење на работа или поради работа, одење на лекар или аптека, давање помош на роднини.
Хојс додаде дека ќе бидат дозволени посети на гробишта и погреби, а ќе биде дозволен и транзит низ регионите.
Исто така во тие региони е задолжително носење маска и надвор, не само во затворен простор, освен за деца до шест години.
Во регионите погодени од карантин, има 117 од 212 општини, како и градови како што се Љубљана, Крањ и Цеље, додека Марибор и Копер не се опфатени со одлуката.
Хојс додаде дека уредбата за границите засега нема да се менува.