Чест ми е што ја имам привилегијата да бидам дел од подвигот со кој се слават едновремено неодвоивото содружништво на зборот и на неговиот отсјај во сликата и во илустрацијата, а особено ми е чест што ова значајно книжевно-илустративно патување ќе го осознаеме низ сетилните фантазматски светови на Димитар Кондовски, коj ја збогатува со нова вредност книжевната ризница. Она што ми претставува дополнителна радост е што преку исполнувањето на повеќедецениската желба на Кондовски за организирање на изложба за деца, за што им честитам на „Литера“, се вратив во детството и ви благодарам што повторно ме потсетивте на „Зоки Поки“, „Алиса во земјата на чудата“, „Колибата на чичо Том“, „Белото циганче“ и многу други книги коишто остануваат во мене како дел од едни прекрасни времиња – рече Елизабета Ѓоргиевска, сопругата на претседателот Стево Пендаровски, синоќа, по повод отворањето на изложбата на илустрации на Кондовски, во рамките на фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера“.
Вечерва ја доживувам како празник на кој се слават двете клучни нешта кои од искона го определуваат човековото постоење: зборот и сликата, дополни првата дама.
-Како што ни покажува и вечерашната изложба на илустрации, а и како што е содржано во мисијата на овој фестивал, зборот, кој е во с’ржта на раскажувањето, создава силни и моќни слики, кои се еднакви со еден нов јазик, што го надградува и збогатува она што не може зборот сам по себе да го доискаже и означи. Гледајќи го магичниот, надреалниот илустративен јазик на Кондовски, може да се види дека со радост и искреност на дете, скриено во мудроста и чудесната даровитост на возрасен човек му приоѓал на книжевно-илустративниот предизвик. Тоа е голема одговорност за секој што се обидува да влезе во детската фантазија – истакна Ѓоргиевска.
Радост можеше да се забележи кај публиката која дојде да ја поздрави првата ретроспективна изложба на илустрации на Кондовски. Почитувајќи ги сите протоколи за здравствена заштита го отворивме волшебниот свет на доајенот на македонската ликовна уметност пред некогашните, но и денешните деца.
Софија Семенпеева-Трајановска, основач на фестивалот „Литера“ се заблагодари на поддршката на Ѓоргиевска, на директорката на Националната галерија Дита Старова-Ќерими, на семејството на Кондовски и на својот тим.
-„Литера“ е проект кој долги години се подготвување и во процес на создавањето ја баравме совршената форма. Ќе бидеме борци и истрајни во намерата зошто важноста на литературата и илустацијата е огромна за раст и развој на идните генерации. Здраво општество и културни вредности се градат со работа уште во најмала возраст. Креирајќи го концептот на „Литера“, одлучивме дека покрај изложбата на актуелни илустратори, секоја година ќе има и ретроспективен дел во кој пред македонската публика ќе им оддадеме почит на нашите доајени на илустрацијата. Минатата година имавме групна изложба на која беа застапени повеќе автори, па така годинава решивме дека Кондовски е прв во низата од оние што заслужуваат целосна поставка. Изложбата е едно убаво временско патување и потсетување за еден многу важен дел од нашето културно наследство и богатство. Верувам дека оваа изложба ќе инспирира многумина и ќе разбуди убави емоции. Во крајна линија, ќе ги натера генерациите што се сега родители да пробуричкаат низ своите стари библиотеки, бидејќи огромна е веројатноста таму да има книги илустрирани од великанот Кондовски – вели Семенпеева-Трајановска.
Националната галерија деновите е обвиена со духот на радоста на детската илустрација на великанот на современото сликарство. Воедно чудесните илустрации претставуваат и своевиден празник за детските сетила, за нивниот богат имагинативен свет. Токму изложбата на илустрации е соодветен вовед кон ретроспективната изложба на Кондовски што ја подготвуваме, истакна директорката на Националната галерија, Старова-Ќерими.
-Во далечната 1992 паметам како мојот татко дојде дома со еден од моите најубави подароци. Тоа беше примерок од едицијата „Џиновски сликовници“ на „Илустрирани македонските народни приказни“ во кои беа застапени пет македонски приказни објавени и на турски, албански и ромски јазик. Тоа беше еден од моите први контакти со сликарските илустрации на Кондовски, маестрално изведени, кои покрај текстот остануваат во долго сеќавање. Илустрацијата претставена како што само Кондовски можеше да ја изведе, сугестивно и живо присутна, со прецизен приказ на тантелите, планините, ликовите кои сосема јасно визуелно, прекрасна и уверлива синтеза на убавиот збор и прекрасната уметничка илустрација, се во функција на траен и современ наратив. И така, овој дар ми се врежа во мојата меморија, сведочејќи за трајното присуство на уметноста на Кондовски во нашето живеење. Визијата на уметникот оживува во времињата кога таа му е најпотребна на човекот. Илустрациите на Кондовски сите заедно претставуваат една убава бајка, во која се открива радоста на животот, надежта дека убавото ќе го совлада грдото. Токму во овие тешки времиња, понудената изложба на големиот мајстор на сликата и цртежот, сугестивната уметничка илустрација, нè потсетува на убавите и позитивни времиња, влевајќи надеж во индивидуалната и колективна истрајба – истакна Старова-Ќерими.
Од денеска на фестивалот започна реализацијата на работилници за деца. „Емоцијата има своја боја“ е ликовна работилница наменета за деца од 7 до 9 години, која денес и утре во Даут-пашиниот амам ќе ја реализираат Маја Димитрова и Моника Гошева.
Фестивалот „Литера“ го организра Центарот за визуелна комуникација, а го помагаат: Делегацијата на ЕУ во Скопје, Министерството за култура, Град Скопје, „Халк банка“.