Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски денеска во МВР имаше работна средба со министерот за внатрешни работи на Република Бугарија Христо Терзијски.
На средбата, фокусирана на утрешниот состанок на министрите за внатрешни работи на земјите од иницијативата „Берлински процес”, како и претставници на ЕУ, чиј домаќин е Република Северна Македонија, односно сопретседавачи се министрите Спасовски и Терзијски, се разговарало на повеќе теми од заеднички интерес во областа на безбедноста.
– Првпат во историјата на претседавањето со Берлинскиот процес, годинава имаме заедничко сопретседавање на земја членка на Европската Унија и на земја од регионот од Западен Балкан, што се перцепира како симбол за преземање на поголемо сопствеништво врз процесот од страна на регионот. Инаку, Берлинскиот процес, промовиран во 2014 како иницијатива на германската влада, е единствен процес на највисоко политичко ниво кој исклучиво се фокусира на шесте земји од Западниот Балкан, кои не се членки на Европската Унија и претставува поттик во подготвувањето на овие земји за идното членство во ЕУ, преку справување со некои од клучните структурни проблеми во регионот, соопштија денеска од МВР.
Спасовски, нагласувајќи ја досегашната одлична соработка меѓу двете министерства и полициските служби на сите нивоа, особено во делот на граничното работење, посочил дека Заедничкиот контакт центар што повеќе години наназад функционира одлично меѓу граничните, но и царинските служби на двете земји претставува извонреден позитивен пример за партнерство. Овој контакт центар продолжи да функционира и во времето на пандемијата на Ковид-19.
– Размената на информации, покрај преку Заедничкиот контакт центар, редовно се врши и преку веќе воспоставените канали за размена на информации како што се Европол, Интерпол, а истата е овозможена и преку членување во меѓународните организации, иницијативи…”, рекол министерот Спасовски, стои во соопштението.
Министерот Терзијски потенцирал дека соработката меѓу двете министерства за внатрешни работи е на многу добро ниво. Тој дал, се наведува во соопштението од МВР, висока оцена за заедничкото работење во областа на гранично-полициското работење, како и борбата со трансорганизираниот криминал и корупцијата.
Изразил и подготвеност за продлабочување на соработката на сите професионални нивоа и уште поактивно дејствување во сите области од заемен интерес.
Министерот Терзијски, соопшти МВР, изразил увереност дека утрешната средба на министрите за внатрешни работи во рамки на Берлинскиот процес ќе биде конструктивна и успешна и ќе го потенцира засилениот ангажман за безбедност во регионот на Западен Балкан.