Бочварски-Брнз: САД се наш стратешки партнер и нивната поддршка е од огромно значење за нашата земја

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски оствари работна средба со Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Н.Е. Кејт Мари Брнз.

На средбата министерот Бочварски ги презентираше стратешките приоритети на Министерството за транспорт и врски и капиталните проекти што се реализираат во Република Северна Македонија во делот на патната и железничката инфраструктура и гасификацијата. Посебен фокус беше ставен на комплетирањето и модернизацијата на патниот и железничкиот Коридор 8, како клучен за развојот на Република Северна Македонија, но и за целиот Регион. Министерот Бочварски ги презентираше и економските мерки кои Владата ги презема за ублажување на последиците од Ковид-кризата, поддршка на домашните компании, континуиран тек на градежните активности и непречено одвивање на транспортот.

Акцент на средбата беше ставен и на проектите за имплементација на Интелигентен транспортен систем и формирање на Агенција за безбедност во сообраќајот, како дел од Националната транспортна стратегија 2018-2030, нагласувајќи ја важноста од подигнување на нивото на безбедност во сообраќајот на Коридор 10 и олеснување на транспортот на стоки и патници во Регионот.

„Соединетите Американски Држави се наш стратешки партнер и нивната поддршка е од огромно значење за нашата земја. Со Амбасадорката Брнз разговаравме за реализацијата на капиталните инвестиции за изградба и модернизација на патната и железничката инфраструктура на Пан-европските Коридори 8 и 10 и процесот на гасификација на земјата. Разговаравме за важноста од нови странски инвестиции и учеството на американските градежни компании на меѓународните јавни повици за инфраструктурните проекти што ги реализираме во Република Северна Македонија. Оваа прилика ја искористив и да ја споменам транспарентноста на Министерството за транспорт и врски и соработката со Градежните комори и асоцијации при креирање на реформските закони и изработката на под-законски акти, како и важноста од учеството на граѓаните во овие процеси преку комисии и партиципативни тела“ – изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

Министерот изрази благодарност за поддршката што Република Северна Македонија ја добива од Соединетите Американски Држави и ја нагласи потребата од интензивирање на економската соработка.

Треба да знаете
Последни објави