Официјални лица од некои американски сојузни држави предупредија дека кампањата за ширење дезинформации од странство пред претседателските избори во САД може да предизвика проблеми, од помали до посериозни немири.
Властите задолжени за обезбедување на претседателските избори во САД на 3 ноември деновиве преземаат дополнителни мерки, бидејќи по изборите, можни се не само кибер напади, туку и насилство, јави Гласот на Америка.
Одделот за внатрешна безбедност во државата Њу Џерси вели дека „резултатите од изборите, броењето гласови и пребројувањето може да доведат до протести, а на некои места и до обиди за преземање на избирачките места”.
„Граѓанските немири може да резултираат во немири, насилство и жртви, и во комбинација со изборна несигурност, може да доведат до судири меѓу различни групи демонстранти кои ги оспоруваат изборните резултати”, велат од институцијата.
Таквите предупредувања не се земаат лесно, со оглед на тоа што Федералното биро за истраги (ФБИ) откри дека група мажи подготвува план за киднапирање на гувернерот на Мичиген, Гречен Витмер, а исто така било предвидено и киднапирање на гувернерот на Вирџинија, Ралф Нортам.
Американските изборни службеници се загрижени дека претстојниот изборен процес нема да се одвива без проблеми.
Претставници на властите во Њу Џерси предупредуваат дека шансите нешто да тргне наопаку се зголемуваат со пролонгирањето на објавувањето на конечните резултати од изборите.
Во едно такво сценарио, кое би чекало со месеци за резултати, некои држави би можеле да бидат дестинации за „разни групи кои сакаат насилни протести што може да резултираат во сериозни и смртоносни судири меѓу демонстрантите и полициска интервенција”.
Во последниве години, фокусот во САД беше насочен кон виртуелни закани и странско влијание, а овој пат во јавноста не се зборува многу за потенцијално насилство.
Директорот на ФБИ Кристофер Реј, коментирајќи ги протестите во американските градови, рече дека „немирите и конфликтите се шират низ целата земја” и дека „тоа може да доведе до насилство и криминални активности”.
Претставник на ФБИ за Гласот на Америка изјави дека подготовките за изборите ќе ја земат предвид моменталната состојба во земјата и се „обемни”.
ФБИ работи со многу држави за да се спречи можно насилство, во Луизијана, Њу Мексико, Охајо и Њу Џерси.
Ако државите не успеат сами да се справат со насилството, тие можат да ја повикаат Националната гарда за помош. Во некои држави, како што е Њу Џерси, Националната гарда веќе е на терен и работи на обезбедување на пребројување на гласовите.
Покрај безбедносните подготовки, официјалните лица велат дека е важно навремено да се информира јавноста за резултатите од изборите, кои сигурно ќе бидат одложени оваа година поради гласовите добиени по пошта. Овој пат, значително поголем број граѓани ќе гласаат по пошта од вообичаеното, поради епидемијата на новиот коронавирус.