На француските аеродроми до крајот на месецов ќе бидат воведени антигени тестови, соопшти францускиот министер за транспорт Жан-Батист Џебари.
– Ќе ги воведеме на аеродромите, особено за заминувања во земји како што се САД или Италија и за пристигнувања од „жешки точки” (земји со ризик од коронавирус). На овој начин, веќе нема да имаме луѓе кои пристигнуваат од „жешки точки” на француска територија без да бидат тестирани, изјави Џебари за Си-Њуз.
– Ќе ги воведеме до крајот на октомври. Целта е да ги усогласиме со помош на антигени тестови, особено во Европа, сите санитарни протоколи, кои во моментов имаат одредени разлики, додаде тој.
Големите компании во секторите како што е туризмот завчера побараа од француската Влада да воведе брзи тестови за коронавирус на аеродромите за да може полесно да се патува.
За антигените тестови нема потреба од лабораториска анализа и резултатот се добива по 10 до 30 минути.