Српскиот претседател Александар Вучиќ вечерва изјави дека е задоволен од идејата за „мал Шенген”, оценувајќи дека тоа е исклучителна иницијатива која може да придонесе Балканот да биде подобро место за живеење.
Како што јави допсиникот на МИА од Белград, Вучиќ во Нови Сад, каде почна реализацијата на оваа идеја, изјави дека поврзувањето преку „малиот Шенген” е економски и политички важно за опстанокот на сите мали држави и нации на Балканот.
-Не можеме да избегаме од Балканот, некои би сакале, но јас ги немам тие амбиции и затоа ова треба да биде подобро место за живеење. Мора да се поврзуваме и да работиме заедно, изјави Вучиќ на прес-конференција на прашањето дали идејата за „мал Шенген” е утеха за оние кои нема да влезат во ЕУ и какви се нејзините изгледи, имајќи предвид дека е станата составен дел од Вашингтонскиот договор.
Тој е убеден дека, кога ќе започне изградбата и реновирањето на пругата Белград-Загреб, ќе може да се каже дека нашите народи живеат подобро и дека имаме изградено поголема доверба.
-Јас сум исклучително горд, бидејќи на крајот, дури и оние кои не беа најсреќни поради оваа иницијатива, затоа што не беа во управувачкото седло, мораа да прифатат дека тоа е добра иницијатива затоа што се работи за четири слободи кои припаѓаат на основните европски слободи, а тоа се слободен проток на луѓе, добра, капитал и услуги,изјави Вучиќ.
Тој додаде дека е многу задоволен и дека очекува веќе следната недела или до крајот на месецот одржување на виртуелна конференција и дека ќе се види преку екран.
Тој исто така спомена дека идејата не е само негова, туку и на премиерите на Албанија и Северна Македонија, Еди Рама и Зоран Заев.