Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска ги повика лидерите на релевантните политички партии во земјава на нова лидерска средба за да разговараат, како што рече, за сериозни прашања.
– Сериозни прашања се решаваат на лидерска средба на маса. Еве, ја користам оваа прилика да ги повикам лидерите на релевантните политички партии, не зборам за оној кој што ги организираше претходните лидерски средби кои што завршуваа со фијаско, туку релевантните политички партии, да седнеме и да разговараме отворено за прашањето кое што денеска е актуелно, а тоа се преговорите со нашиот источен сосед. Тоа е многу важно, рече Мицкоски на прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање.
Мицкоски не верува дека Бугарија ќе ја блокира земјава во евроинтеграциите.
– Како ВМРО-ДПМНЕ ги повикуваме сите релевантни политички лидери да седнеме на лидерска средба и да поразговараме за сите актуелни, а крупни политички прашања кои треба да ја детерминираат иднината на македонските граѓани и на Македонија како држава. Тука пред се мислам на случувањата околу преговорите со нашиот источен сосед, тука мислам на пописот, тука мислам на катастрофата во економијата, дебаклот во образованието, соопшти Мицкоски.
Тој смета дека се потребни не е една, туку повеќе лидерски средби и заеднички да излезат со решение пред граѓаните. Затоа што, како што рече, на граѓаните им е преку глава од политиканство и политики. Граѓаните сакаат да видат став, стратегија и визија како ние ќе излеземе од ова.
На новинарско прашање за Бугарија, дека нов договор со Бугарија бил ставен на маса, Мицоски рече дека останува на ставот дека е разговарано за нов договор помеѓу нашиот источен сосед и земјава, кој, како што рече, ќе биде сличен на Преспанскиот и ќе опфаќа уставни измени.
-И чудно зошто тоа никој од бугарска страна не го демантираше. Еве ве охрабрувам и вас како медиум да го поставите тоа прашање на политичарите на нашиот источен сосед, дали е ова вистина. Чудно е зошто никој од нивна страна не го демантираше сето тоа. А зошто дојдовме до таа состојба, е тоа е веќе друго прашање. Кои се политичарите кои не доведоа ние денес да стравуваме за нашата европерспектива како држава. Тоа е веќе прашање кое што заслужува лидерска средба, отворен разговор, и после тој разговор да излеземе или ќе понудиме решение или конечно ќе кажеме дека ние не можеме да се разбереме меѓу себе и тогаш ќе треба да бараме друг пат, рече Мицкоски.
Прашан за исходот од Македонскo-бугарската комисија од вчера, Мицкоски рече дека од она што разбрал, професорите кои се дел од таа заедничка комисија што треба да преговара, немаат договор по суштинските прашања.
-Ако подразбираме под заедничка историја каде што два различни народа, два посебни народа имале во минатото заеднички моменти, а тоа се македонскиот народ борејќи се за своја независна македонска држава и бугарскиот народ борејќи се за својата бугарска држава, тогаш да, можеме да се сложиме со тоа дека имаме во определен период заедничка историја, но откако Бугарија ќе признае посебност на македонскиот народ, кој што во тој историски временски интервал е посебен од бугарскиот народ и се борел за своја посебна независна македонска држава, појасни Мицкоски.
Се останато, како што рече, е споделена историја или истпретплетени историски факти. – Ние да, сме имале заедничка историја со републиките од поранешната држава и народите кои биле мнозинство, но никој од нив не ги негира засебноста на македонскиот народ и засебноста на македонската држава. Доколку некој се труди да стави знак на равенство помеѓу македонскиот народ и бугарскиот народ пред 45-тата година и непостоење на македонскиот народ во тој период тогаш ни под разно не можам да зборувам за споделување, односно заедничка историја, рече Мицкоски.