За околу 20 милиони Французи, од вечерва во 21 часот до 6 часот наутро започнува да важи полицискиот час како владина мерка против епидемијата на коронавирус.
На лицата кои ќе ги прекршат правилата, им се заканува казна од 135 евра, а во случај на повторување на прекршокот, ќе се изрече казна до шест месеци затвор и 3.750 евра.
Ноќниот карантин важи за Париз и неговата поширока област, како и за градовите Лион, Лил, Тулуз, Монпелје, Сент Етјен, Марсеј, Руан и Гренобл.
Мерката не се однесува на луѓе кои одат на работа, лица кои имаат медицински проблем како и оние кои треба да посетат некој член на семејството на кој му е потребна помош.
За време на полицискиот час, сопствениците на миленичиња ќе можат да ги шетаат во радиус не повеќе од еден километар од нивното место на живеење.
За време на ноќниот карaнтин, луѓето што излегуваат надвор ќе мора да имаат потврда за причините за напуштање на домот. Оваа потврда може да биде на хартија или на мобилен телефон.
Околу 12.000 полицајци ќе бидат распоредени како поддршка за градските полициски патроли за да го следат почитувањето на полицискиот час.
Критичарите велат дека мерката негативно ќе влијае на угостителството, како и во сферата на културата, затоа што навечер нема да има театри, претстави и кина. Сите активности се префрлени исклучиво во текот на денот.
Граѓаните ќе можат да се движат низ земјата, но навечер секој мора да биде во својот дом или место на привремен престој.
Полицискиот час ќе трае четири недели, но се очекува да продолжи до 1. декември, освен ако не се подобри епидемиолошката состојба.
Во Франција, 122 лица починаа од коронавирус во четвртокот и петокот, а 33.303 од почетокот на епидемијата. Повеќе од 20.000 луѓе се заразуваат на дневна основа.