Поранешниот премиер на Македонија, Љубчо Георгиевски, во вечерашното гостување во емисијата „360 Степени“ на Алсат, проблематизирањето на македонскиот јазик од страна на Бугарија го гледа како промена на правилата на игра од страна на Софија.
„Со меморандумот се отиде до комплетна негација на јазикот. Сметам дека тоа беше малку како менување на правилата на игра во сред утакмица“, вели Георгиевски оценувајќи дека македонската влада не изреагирала соодветно додека во Софија со денови се водела дискусија за резолуцијата донесена во бугарскиот парламент.
„Имам чувство дека нашата дипломатија го преспа тој период. Таа декларација се дискутираше барем 10-15 дена во Бугарија, прво почнаа партиите, потоа отиде на влада…мислам дека министерството за надворешни работи на Македонија го преспа тој период. Споредмене тоа заслужуваше итна посета, да им се укаже дека тоа не смее да помине во парламентот и оти е сериозно нарушување на договореното“, рече Георгиевски.