Ученици и наставници од повеќе скопски средни училишта денеска во Градскиот парк учествуваа на 7. „Средношколски игри” од каде испратија пораки за заштита на здравјето, практикувањето здрав начин на живот, чувањето на природата и меѓусебната толеранција.
Манифестација се одржува под мотото „Заедно во природа”, а ја организира Здружението на граѓани „СФЕРА” Скопје.
Како што посочија од Здружението, манифестацијата вклучува различни активности/натпревари во природа (во знаење, во уметнички вештини– цртање и фотографирање, креативно пишување, зелени игри…), со цел подигање на свеста на средношколците за потребата и неопходноста од нивен редовен престој на отворен простор заради подобрување и унапредување на нивното психофизичко здравје.
-Натпреварувачкиот карактер придонесува кај младите да се развијат потенцијалите за истражување и учење, тренирање, вежбање, уметнички и естетски развој, а локацијата на која се одвиваат игрите кај младите поттикнува свесност за здрав живот, заштита на животната средина и почест престој во природа, соопштија од Здружението „СФЕРА”.
Манифестацијата ја поддржа Град Скопје, а ја спонзорираа компаниите „Магрони” и „Виталија”.